ЈСП пука по сите рабови

Во ЈСП повеќе не се знае кој управува, а уште помалку кој ги решава проблемите, откако штрајкот продолжи и покрај одлуката да се префрлат пари за плати


ЈСП пука по сите рабови. Она што изгледаше како колапс поради немање пари, сега се претвора во политичко-партиска пресметка врз повеќе основи.

Хаосот што со години владееше на скопските улици со квази протести за сѐ и сешто, а што  потоа се пресели во Собранието, очигледно сега „метастазира“ на други нивоа, или како што објави самата градоначалничка Данела Арсовска, во Советот на Град Скопје, во ЈСП, па и меѓу органите на самото ЈСП. Практично испаѓа дека ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска војуваат во ЈСП, дека таа го има директорот, нејзината бивша партија го владее управниот одбор, а вработените и синдикалците учествуваат во тој политички ужас, со добри шанси ЈСП да заврши дури и со внатрешна физичка пресметка,  бидејќи не се знае кој управува таму, а уште помалку кој и дали ги решава проблемите.

Дека не бил проблемот само во гладните усти на 1.000 вработени на кои им доцни само една плата, и тоа десетина денови, туку нешто подлабоко, се виде утрово од одлуката автобусите да не возат, иако е јасно дека парите за ЈСП ќе дојдат наскоро. Се остваруваат всушност прогнозите дека по судирот на Арсовска со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пресметките ќе ескалираат надвор од Град Скопје, дека ќе се пренесат најверојатно во сите јавни претпријатија што ги има таа под свое (оставките на директорите беа таква најава), дека може да се прелеат и во општините во градот и дека, освен што нема автобуси, освен што Владата сега обезбедува греење место БЕГ, можно е да нема кој да собира ѓубре по улици, да снема улично осветлување… и други колапси.

И, откако цела држава се подели партиски, да почнат политички судири меѓу вработените по јавните претпријатија, па да има пресметки меѓу раководните тела, тие да станат сосема нефункционални и да пукаат сите по партиска линија. А, партиите да се перат со соопштенија во кои ќе кажуваат кој е виновен, при што е јасна пораката дека некој сака да има автобуси ако ВМРО-ДПМНЕ изгласа пари за нив, да има греење само ако ВМРО-ДПМНЕ обезбеди гас, да нема ѓубре по улиците само ако ВМРО-ДПМНЕ има право да брцне во „медот“ на претпријатијата… Јасно е, го допревме дното во изживувањето со граѓаните и со државата.

Некогаш дилемите беа дали Скопје треба да добие трамвај, метро, тролебус или да се прошири автобуската мрежа, а сега сме доведени во ситуација првпат во историја да нема воопшто организиран автобуски превоз и илјадници граѓани и бизниси да трпат енормна штета од ваквата ситуација која нема економска логика туку, напротив – е далеку од здравиот разум дури и за параметрите што важат во Македонија.

Она што се случуваше вчера во Советот на Град Скопје, кога Данела му го узурпираше „копчето“ за контрола на говорниците на Трајко Славески, а тој стана и лично и го зеде микрофонот за да ја замолчи, е само доказ дека нема граници на политичката неодговорност, нетолерантност и некултура на ВМРО-ДПМНЕ (вклучувајќи ја тука и градоначалничката, иако се декларира како независна) и дека не постои институција што тие нема да ја претворат во нефункционална прчија. Кавгата беше доказ дека не знаат или не сакаат да одберат кандидат за градоначалник што ќе работи во интерес на скопјани, но немаат срам потоа да се оградуваат и вината за тоа што не го испорачуваат да ја префрлаат на сите околу, па дури и на СДСМ.  Покажаа дека не се способни да обезбедат нормално функционирање на Град Скопје, иако се мнозинска политичка група, но се многу способни да блокираат во исто време на повеќе фронтови, односно истовремено да го растурат градскиот автобуски превоз, да го укинуваат постепено Уставниот суд, да го уценуваат носењето на  законите за енергетската криза со своите „контакти“ за снабдување со енергенси, да ги кочат уставните промени договорени со Бугарија, т.е. да прават кризи кога ќе им текне и кај ќе им текне, а за сето тоа други да се одговорни.   

Фер е сепак да се каже дека ова што се случува во ЈСП можеше и да се предвиди, откако Данела Арсовска ветуваше во кампањата бесплатен превоз за сите скопјани. Тоа е точката на која сега таа трпи најсилни удари, така што само една година откако е на градоначалничката функција нејзината позиција е сериозно нарушена, дотаму што нејзините настапи се третираат како пародија од медиумите и опонентите. Без оглед колку за тоа придонесе самата, колку придонесоа опструкциите од ВМРО-ДПМНЕ, колку придонесоа опструкциите од СДСМ и други актери (ако сме чесни ќе си признаеме дека да беше градоначалник од СДСМ, Владата немаше да дозволи ЈСП да застане), цената од нејзиното нефункционирање идните три години ќе ја плаќаме ние, жителите на Скопје, а тоа не ни е интерес. 

Притоа, сите општини и јавни претпријатија се партизирани  до тој степен што мандатите се трошат на меѓусебни опструкции и политички пресметки, а пред да си одат речиси сите оставаат пустош од долгови на сметките. ЈСП сепак најмногу плаќа за популизмот што стана главна предизборна програма на сите партии и кој доведе до тоа дури 60 отсто од корисниците на превозот, според изјавите на вработените, да бидат ослободени од плаќање. Практично, доведен е во ситуација да зависи од милоста на институциите и од нивната проценка дали директорот или градоначалничката се од соодветна политичка партија за да му се исплатат побарувањата. Па, место да ги обезбедат услугите за кои постојат на граѓаните, тие се жртви на политички опструкции, партизации и манипулации кои се видливи со голо око. При што не може да се исклучи ни сценариото, како со БЕГ, на ваков начин Данела да се ослободи од товарот на своето екстра популистичко ветување што не може да го оствари, така што ќе ја направи состојбата толку неподнослива околу градскиот превоз што Владата ќе мора да го стави и ЈСП на списокот со финансиски обврски, а таа само да држи говори – со микрофон или не.