ЈСП ќе добие 12 милиони евра субвенции од Градот Скопје, а бесплатен превоз нема
Повеќе од 12 милиони евра ќе издвои Град Скопје со новиот буџет за 2023 година, за Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, за следната година, откако претходната година на два пати Советот изгласа дополнителни субвенции од повеќе од два милиони евра и дополнително уште 350.000 евра.
Финансиските средства предвидени во Буџет на град Скопје за 2023 година за ЈСП изнесуваат вкупно 740.000.000 денари или 12 милиони евра.
Од тие пари се обезбедуваат субвенции за бесплатни карти за возрасни лица – (над 62 години старост за жени и над 64 години старост за мажи), потоа 550.000.000 или речиси 9 милиони евра за потешкотии во работењето, околу милион евра за системот за интелигентна наплата.
Сепак, во овие субвенции пари за субвенциониран бесплатен превоз за сите граѓани, што беше предизборно ветување на градоначалничката Данела Арсовска.
Доцна синоќа, буџетот на Град Скопје за 2023 година беше донесен од советниците, а денеска продолжува расправата по точките од буџетот, при што за ЈСП е петтата точка, која наскоро треба да стигне на ред.
Претходно, Советот на Град Скопје изгласаа дополнителни 20 милиони денари субвенции за ЈСП, откако на претходниот ребаланс во јуни изгласаа 130 милиони. Советниците се жалаа дека немаат никакви информации од претпријатието, а треба да изгласаат субвенции, со кои се овозможи исплаќање на платите на вработените во претпријатието и се прекинува протестот на возачите поради кој дента не функционираше јавниот сообраќај во градот.
До сопирање на сообраќајот дојде поради неисплатени плати на возачите, а градоначалничката Данела Арсовска се жалеше дека Владата, односно МОН не ги подмириле долговите за бесплатни билети са среднпшколци и студенти.
Градоначалничката тогаш рече дека ќе се бара соодветна одговорност, на тешката финансиска состојба во која е доведено ова јавно претпријатие и мултимилионските долгови кои ги има генерирано. Според неа, тоа се долгови што се провлекуваат повеќе од деценија.
Претседателот на Синдикатот за сообраќај и врски при ЈСП, Миќо Стојановски, рече дека вработените во двете автобази биле известени за одлуката и веќе сите автобуси на ЈСП се пуштени на улиците на Скопје.
Оваа година скопјани се соочија со проблеми со градскиот сообраќај какви што досега немало. Најпрво со ЈСП, а потоа и со раскинувањето на договорите со приватните превозници, со што се зголеми хаосото во градскиот превоз. Граѓаните се доведени до состојба да бараат да се вратат приватните автобуси, какви-такви, само да ги има.
Во моментов тече повик за приватни превозници за неколку линии во Скопје, иако возачите од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ рекоа дека нема да се пријават. Во меѓувреме, автобуси на ЈСП се трудат да ги надополнат тие линии, но ги има многу ретко или воопшто не доаѓаат.