Јорданова од „Ремедика“ си ја купува црквата „Св. Константин и Елена“ за да си пали свеќи за здравје
Директорката на болницата Ре-медика и сопруга на бизнисменот Минчо Јорданов, Елица Јорданова, во изјава за Телма околу префрлањето на долгот за изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ од Бетон во болницата, вели дека „си купува црква и ќе си пали свеќи за здравје“.
Јорданова го коментираше преземањето на долгот од 4,4 милиони евра на Фондацијата „Св. Цар Константин“ и МПЦ кон Бетон, натрупан низ годините во кои се градеше храмот во центарот на Скопје, кој и натаму стои недовршен. Болницата ќе треба на „Бетон“ да му го исплати целиот износ, со што ќе стане доверител во стечајната постапка за Фондацијата, која беше отворена лани. Одлуката за преземањето на долгот треба да ја усвојат акционерите на Бетон на вонредното собрание на 18 октомври.
„Досега Бетон требаше да ја продаде, а не да ја моли црквата да си ги плати долговите. Дали некој досега се запраша дали споменикот на Мајка Тереза е платен како и други објекти од „Скопје 2014“. Тој што ги нарачал тие инвестиции требало да ги плати, не е во ред со години да должат. Бетон треба да си ги наплати долговите“, вели Јорданова во изјавата за Телма.
Црквата „Свети Константин и Елена“ во Скопје / фото: Raso mk/Wikipedia
Црквата „Св. Константин и Елена“ требаше да почне да се гради во 2009-тата година, кога тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ го претстави планот таа да биде подигната на Плоштадот „Македонија“. По реакциите во јавноста, протестите и барањата за реципрочна изградба на џамија на скопскиот плоштад, беше предложена актуелната локација на црквата, во дворот на Домот на АРМ.
Изградбата почна во 2012 година, но запре откако почнаа да се таложат долговите. Во декември 2014 година, тогашната Влада објави дека политичари, стопанственици и владици од Македонската православна црква – ОА, учествувале на донаторска конференција за доизградба на црквата.