Јорданов најави изградба на две нови населби во Штип


Со цел да се излезе во пресрет на граѓаните, кои сакаат да си изградат сопствени куќи, но и да се намали и цената на метар квадратен на становите во Штип, денеска градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов најави дека освен изградба на нова населба со индивидуални куќи меѓу населбите Сењак 4 и Баби, Општината ќе понуди на продажба парцели за куќи и во близина на населбата Три Чешми.

Јавните огласи и за двете локации ќе се објават наредната година, а во новата населба во близина на Три Чешми се предвидени сто парцели за изградба на куќи, додека во новата населба меѓу населбите Баби и Сењак 4 ќе се понудат 70 парцели. Јорданов посочи дека во населбата Три Чешми на почетокот на 2025 година ќе започнат со изградба на нова водоводна и канализациска мрежа, како и на трасирање на улици, а на првиот оглас за продажба пробно ќе бидат објавени десет парцели.

-Согласно Програмата за оттуѓување на градежно земјиште, во овој момент пуштивме можност за оттуѓување десет парцели во една нова зона за домување, индивидуално домување, куќи веднаш до населба Три Чешми. Станува збор за една локација, која што во минатото беше споменувана, но заради неуреденоста и основниот степен на уреденост кои што не бил реализиран во минатото оваа населба остана нереализирана. Во план сме во периодот кој што ќе следи да влеземе со активности за уредување со поставување на подземна инфраструктура трасирање на улици, вели Јорданов.

 Забележува дека станува збор за парцели за индивидуално домување, а не за нови станбени згради.

 -Побарувачката создаде притисок на цената на пазарот на недвижности. Во интерес на ова се одлучивме да испарцелизираме и овозможиме оттуѓување на дополнителни парцели за индивидуално домување, изјави Јорданов.

 Тој истакна дека со ваквата реализација ќе се овозможи можност, а  особено за младите да инвестираат и да си обезбедат сопствен дом.