Јон Вардар слета во Буенос Аирес


Првиот македонски долгометражен анимиран филм деновиве беше прикажан на 26. издание на престижниот филмски фестивал во Буенос Аирес, Аргентина, БАФИЦИ (Buenos Aires International Festival of Independent Cinema). На трите проекции, на кои се бараше карта повеќе, присуствуваше и режисерот Гоце Цветановски, кој пред присутните зборуваше за долгогодишното креирање на филмот, предизвиците, и честа да се биде дел од еден од водечките фестивали за независен филм во светот. „Проекциите во Буенос Аирес завршија со многу интересни средби и се радувам на секој еден разговор за овој филм.

„Ова е дестинација на која повторно би сакал да се вратам со следниот проект, а работите веќе се движат во таа насока“, рече Цветановски, додавајќи дека засега не може да открие повеќе детали.

Директорот на фестивалот, Хавиер Порта Фоуз претставувајќи го филмот пред публиката рече дека за првпат филм од Македонија е дел од овој фестивал. Истовремено, вели, предизвик бил преводот оти во Аргентина живеат само 12 Македонци.

Претходно, од фестивалот за филмот напишаа: „Анимиран долгометражен филм од Македонија не е нешто што се гледа секој ден, но шармот на John Vardar vs. the Galaxy е далеку од тоа да биде само географски куриозитет. Оваа визуелна лудорија – со своите интергалактички авантури што наликуваат на халуцинација, откачени вонземјани и хумор со висока концентрација – се истакнува со рокерска дрскост и заразна комичност. Филмот е како црна дупка што го вовлекува гледачот во својот хаотичен универзум, каде секое чудовиште е повик на бегство од нормалното и прослава на лудото и необичното“..

Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.