Јокиќ нема да го продолжи договорот со Денвер ова лето

Српскиот кошаркар Никола Јокиќ одлучи да ги одложи преговорите за продолжување на договорот со НБА лигашот Денвер од ова лето за следното, пренесуваат денеска белградските медиуми.
Договорот на Јокиќ со Денвер истекува за две години, а српскиот центар ќе има плата од 55,2 милиони долари во претстојната сезона, додека во сезоната 2026/27 платата ќе изнесува 59 милиони долари.
Трикратниот најкорисен играч (МВП) во НБА лигата има и таканаречена „опција за играч“ во договорот, што му овозможува да остане член на Денвер во сезоната 2027/28 за плата од 63 милиони долари.
Триесетгодишниот Јокиќ во вторникот стекна право да потпише продолжување на договорот со Денвер за уште три години и околу 212 милиони долари на неговиот постоечки договор. Со чекање до следното лето, Јокиќ ќе може да додаде уште четири години на својот постоечки договор за уште повеќе пари отколку што би му било гарантирано доколку одлучи да го продолжи договорот ова лето.