Јоханес Хан импресиониран од иницијативите за реформа на судството
Европскиот комесар за буџет и администрација, Јоханес Хан, по денешната средба со македонскиот министер за правда, Бојан Маричиќ, соопшти дека е „импресиониран од иницијативите преземени во сферата на судството и владеење на правото“ што ги презема владата во Скопје. „Овој сектор е клучен за европската интеграција и Европската комисија останува посветена на европската перспектива на Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан“, дополни Хан на Твитер.
Во соопштението на Министерството за правда се вели дека Маричиќ разговарал со Хан за реформите во правосудството и процесот на дигитализација на судовите. „Во Европската унија има подготвеност конкретно да помогнат овој процес кој ќе претставува зголемување на ефикасноста на судовите и своевиден технолошки скок. Како што е предвидено ќе се дигитализираат над 100 судови во земјата“, се вели во соопштението на Министерството.