Јоаким Крчовски ќе се канонизира за светител


На иницијатива на Кумановско-осоговската епархија денеска во манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка ќе се изврши канонизација на игуменот Јоаким Крчовски за светител. Со канонизацијата, Јоаким Крчовски, учител и просветител ќе се вброи во диптихот на светите.

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија на својата вонредна седница одржана на 10 мај, разгледувајќи го предлогот на комисијата за канионизација за канионизирање на светител во лицето на преподобниот игумен Јоаким Крчовски 1820, внимателно изучувувајќи го животниот пат и пастирскиот подвиг, како и чудата што се случуваат по неговите молитви ја донесе одлуката да го вброи во редот на светите.

Чесните останки на преподобниот игумен Јоаким Крчовски да се сметаат како свети мошти и да им се оддава достојно почитување.

„Јоаким Крчовски и живеел, и проповедал, и учителствувал, и провестувал, и богослужел и бил богоугоден подвижник на самиот премин меѓу 18. и 19. век, а споменот и славата на неговиот свет живот општонародно се почитува и денес. Меѓу другото, тој е автор на првата книга отпечатена на народен македонски јазик во 1814 година. Книгите на Јоаким Крчовски се пишувани на разбирлив јазик за секој христијанин и затоа имале верна улога во верското и во моралното просветување“, рече митрополитот кумановско-осоговски Григориј во обраќањето во пресрет на канонизацијата.

Како датум за прославување на ликот и делото на Крчовски, Синодот го предлага 23 мај.