Јени џамија во Битола ќе биде музеј на христијанско–исламското културно наследство
Џамијата е еден од најзначајните историски споменици во Битола и е сведоштво за отоманската архитектура од 16. век
БИТОЛА – Музеј на христијанската и исламската култура ќе биде новата намена на Јени џамија во Битола, сместена во срцето на градот. Џамијата, која е еден од најзначајните историски споменици во Битола оставена како сведоштво за отоманската архитектура од 16. век, ќе добие нова намена, најавуваат од Завод и Музеј Битола, институција која прославува исклучително важен јубилеј – 90 години од формирањето.
Од Битолскиот Музеј велат дека јубилејот ќе го одбележат со неколку капитални проекти и настани, а еден од нив ќе биде и новиот музеј – Јени џамија. Во овој период течат подготовките и внатре во објектот е работно во исполнување на концептот.
„Еден од капиталните проекти и настани е и условно кажано отворањето на Јени џамија за посетителите и туристите, но овој пат со видоизменета содржина и намена. Имено, ‘новата’ Јени џамија ќе биде ‘Музеј на христијанско – исламското културно наследство’, бидејќи под застаклениот под во џамијата (и надвор пред џамијата), се конзервирани и презентирани темелите на христијанската средновековната црква ‘Св. Ѓорги’, која датира од седмиот век. Овој исклучителен настан ќе се случи кон средината на ноември“, изјави за „Независен“ Зоран Николовски, директор на Завод и Музеј Битола.
Џамијата има квадратна основа, покриена е со купола и веднаш до неа се издигнува минаре со висина преку 40 метри. Во 2018 година, по три години работа, заврши реставрацијата и конзервацијата на фасадата на Јени џамија чии име и на турски значи „нова“. Реставрацијата на фасадата чинеше над 15 милиони денари и со овој зафат вратен е стариот лик на објектот како од пред петстотини години, од владеењето на Турците на овие простори. При обновата беше користено олово за куполите, лим набавен од Турција и варов малтер од Италија, што според стручните лица од Музејот беше прв пат да се користи малтер на толку голема површина на надворешна фасада, со оглед на тоа што каменот е нерамен. Реставрацијата е успешно изведена.
Според директорот Николовски, објектот претходно беше галерија, а после долги години беше под клуч. Сега Јени џамија ќе го презентира внатрешниот дел, во оригинално издание, но реставриран и со нов сјај, ќе го вклучува и направениот стаклен под внатре и надвор.
Долгогодишните истражувања покажаа дека Јени џамија под темелите крие темели на дури три цркви кои датираат од 7., 11. и 13. век, а се смета дека едната од нив е некогаш најголемата црква во центарот на Битола, таа е „Св. Ѓорги“ на која ќе се даде најголемо значење. Како потврда на ова археолозите најдоа сребрен печат со ликот на Свети Ѓорги и втор печат со ликот на Мајката Божја во позиција на молење. За најголем пронајдок се смета откривањето на пекторален медалјон со изгравирани фигури на светци, обвиено во позлата.
„Сега со новата презентација на Јени џамија, покрај темелите на христијанскиот објект ќе бидат претставени и сите наоди од движното христијанско наследство, значи наоди и откритија ќе бидат изложени во посебни витрини во внатрешноста на објектот, вклучувајќи го и пекторалниот медалјон. Со ваквиот концепт Музејот ‘Јени џамија’ ќе биде неизбежен дел од туристичката посета на Битола“, вели Николовски.
Оваа битолска џамија во себе носи и интересна приказна за презентирање пред посетителите и странските туристи, таа е присутна во легендите и преданијата запишани од Мехмед Тевфик, Марко Цепенков, Јован Хаџи Васиљевиќ, и е позната по неколку имиња како Нал џамиси (Потковица џамија), според легендата тоа била потковицата на коњот на „Св. Ѓорги“. Како и Синџирли Бунар џамија поврзано со некогашниот стар бунар со синџир за влечење вода за џамијата, кој одамна не постои.