Јавниот долг намален на 57,1 отсто од БДП, најмногу поради отплата на кредити кон странство
Јавниот долг се намалува за 3,7 процентни поени. Со тоа се создава простор за 454 милиони евра дополнително финансирање во тековниот период од годинава, потенцира министерот Бесими

Тој додаде дека од исклучително значење е носењето на Законот за буџети, којшто во моментов е во собраниска процедура. Согласно Законот, Буџетот и Фискалната стратегија треба да бидат во согласност со фискалните правила коишто се однесуваат на дефицитот и на вкупниот долг на општата власт. Притоа, буџетскиот дефицит за соодветната година не смее да надмине ниво од 3 отсто од номиналниот БДП, додека вкупниот долг не смее да надмине ниво од 60 отсто од номиналниот БДП.
Согласно ревидираната Стратегија за управување со јавниот долг, се очекува долгот на крајот на годинава да изнесува 63,5 отсто од БДП. На среден рок, односно до 2026 година, проекциите во Стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 56,5 отсто, додека државниот долг ќе се сведе на 50 отсто.