Јавниот долг ќе се врати под Мастришкиот критериум дури во 2025 година


Со Стратегијата за управување со јавен долг се дефинираат лимити за висината на трите нивоа на долг, државниот, гарантираниот како и на вкупниот јавен долг во следните пет години, и за структурата на долгот, во насока на прудентно управување со истиот. Согласно Стратегијата за јавен долг, која ја изработи Министерството за финансии и во насока на политиките за фискална консолидација кои ќе се спроведуваат, заклучно 2025 година јавниот долг треба да се сведе под Мастришкиот критериум, односно да се намали на 58,8 отсто. Државниот долг пак, согласно стратегијата, ќе се движи до 53,7 отсто од БДП, по што ќе се стабилизира и ќе се сведе на 51 отсто во 2025 година.

Во Стратегијата се наведува дека со цел да се задржи нивото на јавниот долг во одржливи рамки, без притоа да се наруши фискалната одржливост, се утврдува лимитот на вкупниот јавен долг на среден и долг рок којшто не треба да надмине ниво од 60 отсто од БДП. Во документот се наведува и дека како резултат на економската криза предизвикана од Ковид-19, во кризниот и пост-кризниот период може да има отстапувања од лимитот, како што е всушност и случај со скоро сите европски економии кои го зголемија долгот за над 10 процентни поени. Сепак, преку мерките за фискална консолидација во 2024 ќе се стабилизира за да во 2025 година истиот биде под лимитот.

Во однос на структурата на долгот, се дефинираат лимити за долгот запишан во странска валута, како и за висината на долгот запишана со фиксна каматна стапка. Согласно првиот критериум се утврдува дека за периодот 2021-2025 година, минималниот праг на долгот во евра во вкупното портфолио на државен долг во странска валута да изнесува 85 отсто, додека во однос на каматната структура, минималниот праг на долгот со фиксна каматна стапка да изнесува 60 отсто.

Стратегијата нотира дека во наредниот среднорочен период пристигнуваат за отплата поголеми износи како: 500 милиони евра во 2021 година за Еврообврзницата издадена во 2014 година,  450 милиони евра во 2023 година за Еврообврзницата издадена во 2016 година, како и 500 милиони евра коишто ќе треба бидат обезбедени во 2025 година со цел рефинансирање на Еврообврзницата издадена во 2018 година. Стратегијата исто така е насочена кон спречување на поголем дел од финансиските обврски да достасаат одеднаш со истовремено обезбедување рамномерност на достасување на обврските по основ на долгот. Во периодот 2021-2025 година се очекува просечното време на достасување на долгот на централна влада да се зголеми од 5,7 години на крајот на 2020 година, на 5,9 години во 2021 година а потоа од 2022 до 2025 година да има благо намалување како резултат на амортизирање на заемите со концесионални услови.

Стратегијата има за цел преку прудентно управување со јавниот долг да се задржи истиот на одржливо ниво. Таа предвидува финансирање на потребите на државата со најнизок можен трошок, идентификација, следење и управување со ризиците на кои подлежи портфолиото на јавниот долг и развој и одржување на ефикасен домашен финансиски пазар.

Министерството за финансии и понатаму ќе работи во насока на општимизација на портфолиото на долгот во насока на намалување на ризикот за рефинансирање, како и дополнителни каматни заштеди.