Јас и Горан како претстава во три чина: Патриша Марш-Стефановска во Скопје ја промовираше книгата за натприродните феномени
Навистина беше фасцинантен начинот на кој таа на промоцијата раскажуваше за предвидувањето и средбата меѓу неа и Горан Стефановски, а и повеќе за оваа приказна, што е еднакво значајна за читањето и доживувањето и на неговото и на нејзиното дело

Во саботата вечер, на вториот концерт во преполната Филхармонија, гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, ја поздрави својата снаа од Англија, Патриша Марш – и внукот Игор, кои допатува специјално во Скопје и за јубилејниот концерт и за ексклузивната промоција на македонското издание на книгата на Саемот „Наспроти мојата животна филозофија“ , на штандот на „Три“.
Патриша Марш-Стефановска е писателка, лингвистка, преведувачка, еколошка активистка и неуморна истражувачка, и сопруга на прерано починатиот голем драмски автор, Горан Стефановски.
Пред преполна, љубопитна публика, Игор Стефановски, Нада Гогова и Соња Андонова успеаја да ни го доближат извонредниот дух на Патриша Марш, која проговори за своите необични искуства кои сосем спротивно од нејзината животна филозофија, а која ја доближија повеќе до минатото. Самата книга нуди поглед во нешто многу подлабоко и поголемо од нашата секојдневна реалност и широко ја отвора вратата кон тој свет. Книга што бара надминување на предрасудите и тесноградото размислување надвор од границите на видливото, ги шири хоризонтите и нè потсетува дека светот е многу повеќе од она што го гледаме.
Секако, на една ваква промоција при нурнување во животот на Патриша Марш, невозможно е да не се спомене Горан Стефановски, како што го нарече самата Нада Гогова на вчерашната промоција, најголемиот амбасадор на македонската литература и култура. Самата оваа книга е сведоштво за животот на овие двајца неверојатни луѓе. И Патриша и Горан се трагачи по значењето на тоа што значи да се биде слободен човек. Како што велат од Издавачки центар ТРИ, „оваа книга нема три чина, туку стои рамо до рамо со театарските изведби на кои се играат животите на генијалните умови“.
Промоторите, заедно со Патриша Марш-Стефановска, ни докажаа дека секој човек во животот доживува работи што го надминуваат познатото и разумното гледање на нештата. Соочена со аномалиите на животот, Патриша ни раскажа, а подетално и во нејзината книга, за феномените на духови, претчувства, телепатија на болка, пророчки соништа и истовременото присуство на две места.
Навистина беше фасцинантен начинот на кој таа на промоцијата раскажуваше за предвидувањето и средбата меѓу неа и Горан, а и повеќе за оваа приказна, што е еднакво значајна за читањето и доживувањето и на неговото и на нејзиното дело.
Книгата која ќе ви овозможи уште подлабоко навлегување во оваа приказна и што ќе ве наведе на размислување кон филозофското сфаќање на своето постоење, е достапна на штандот на ТРИ на Саемот на книгата што се одржува до среда (14 мај), или во книжарниците на ТРИ. (Л.С.)