„Јас гарантирам“: Олаф Шолц тврди дека нема да има нови бугарски барања

Од промената на уставот зависат многу нешта, рече германскиот канцелар на прес-конференцијата со премиерот Ковачевски. Германија има голема почит за Македонија


 

Германскиот канцелар Олаф Шолц вечерва даде убедување до македонската јавност дека на патот на пристапувањето на Македонија кон ЕУ веќе нема да има нови билатерални барања.

„За тоа стојам јас, гарантирам“, рече Шолц на прес-конференцијата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски во канцеларството во Берлин, притоа ставајќи ја раката кон срцето за да го зголеми впечатокот и ветувањето.

Тоа беше една од клучните поенти на Шолц за време на прес-конференцијата по кусите разговори со Ковачевски по официјалниот пречек со највисоки државни почести и почесна гарда, по што двајцата претседатели на владите се вратија на разговорите заедно со делегациите, а потоа дискусијата продолжи и на вечерата.

Оваа посета на Ковачевски на Берлин доаѓа во клучно време за македонската евроинтеграција и неизвесноста околу усвојувањето на уставните измени. И две недели откако германскиот Бундестаг ја усвои резолуцијата со која им се „оддаде длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“.

Одговарајќи на новинарското прашање за содржината на писмото што бугарскиот претседател Румен Радев го испрати до европските лидери и институции по изјавата на европскиот шеф на дипломатијата Жозеп Борел дека нема пречка за пристапување на Македонија во ЕУ и дека билатералните прашања не треба да бидат обврзувачки за напредокот на Скопје кон Унијата, Шолц рече:

„Тоа е јасно договорено да биде редовен процес според постапките кои се управуваат од ЕУ. Тоа се работи што се напишани на хартија и не треба да дојдат други што се однесуваат на билатералната состојба. За тоа стојам јас. Гарантирам“.

Пречек на Димитар Ковачевски на највисоко државно ниво

Претходно, на почетокот од прес-конференцијата Олаф Шолц имаше само пофални зборови за развојот на германско-македонските односи во изминативе 30 години, за големиот пораст на меѓусебната доверба и за вниманието и почитта што ја има Германија спрема Македонија.

Канцеларот тоа го нагласи споменувајќи посебно дека во изминатава година во Македонија беа и тој, и претседателот на државата Франк-Валтер Штајнмаер и министерката за надворешни работи Аналена Бербок. И дека европската перспектива „посебно важи за Македонија“.

„Германија многу сериозно ја сфаќа ЕУ-перспективата на земјите од Западен Балкан. А за Македонија тоа важи посебно. Имаме голема почит за македонскиот идентитет, јазик и историја и за огромните напори што Македонија ги вложува со реформите на патот кон ЕУ“, рече тој.

И потоа ја испрати основната порака за уставните измени:

„Од промената на уставот зависат многу нешта. Знам дека тоа не е едноставен чекор, но е потребен за пристапниот процес кон ЕУ. Оттука сакам да ја охрабрам Македонија да продолжи на патот на реформите што се важни за граѓаните. Истото важи и за Берлинскиот процес“.

Иако не спомена јасно што би можело да значи за пристапниот процес ако Македонија не ги усвои уставните измени, самата реченица дека „од промената на уставот зависат многу нешта“ беше доволно чиста порака за колебливите македонски политичари и јавноста која почна да се сомнева во сѐ.

Премиерот Димитар Ковачевски зборуваше за тоа дека 45 отсто од македонското законодавство е усогласено со европското и дека „Македонија е на врвот на листата во интегрирањето во ЕУ од земјите кандидати“.

Тој повтори некои од веќе чуените изјави од негова страна дека не треба „да дојдеме до блокада одвнатре, кога нема вето однадвор… и наместо кон интеграција одново да одиме кон изолација“. Според него, членството во ЕУ е поголема цел од оние на политичките партии и „определени сме овој процес да го завршиме“. Тој ги повика пратениците во македонското собрание да ги следат интересите на граѓаните.

Одговарајќи на прашање за односите со Бугарија тој нагласи дека со новата политичка влада во Софија веќе има контакти – дека таму биле двајца министри (за земјоделство и труд) и дека наскоро ќе има средби на шефовите на дипломатиите и вицепремиерите за економски прашања.

„Отворен е патот за враќање на позитивниот дијалог меѓу двете земји и за прашања за иднината и за секојдневните работи, како транспортот, образованитето, економијата“, рече тој.

Според Ковачевски, на регионот му требааат „политичари коишто нудат решенија, а не политичари коишто секојдневно нешто критикуваат и единствено нешто со кое се занимаваат се прашања од минатото. Таков политичар не ветува ништо ниту нуди решенија“.

Во македонската делегација се и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. (Н.В.)