Јапонија ја заврши третата година од испуштањето радиоактивна вода од Фукушима
Компанијата ТЕПКО (TEPCO – Tokyo Electric Power Company Holdings Inc.) денеска ја заврши третата година од испуштањето прочистена радиоактивна вода во морето од оштетената јапонска нуклеарна централа Фукушима, при што досега во 22 рунди се испуштени 172.700 тони, пренесоа јапонските медиуми.
Количината складирана во резервоарите е намалена за 7,6 проценти на околу 1,24 милиони тони, а 17 од околу 1.000 резервоари за складирање се демонтирани по празнењето, пренесува Кјодо.
Операторот има за цел да го заврши испуштањето до 2051 година, во согласност со затворањето и размонтирањето на централата.
Јапонија во април 2021 година одлучи да ја испушти преработената вода за да ги демонтира резервоарите за складирање, а ТЕПКО започна со испуштањето на 24 август 2023 година, и покрај противењето на рибарските организации.
По нуклеарната криза во 2011 година, предизвикана од силниот земјотрес и цунамито, во централата секој ден се произведуваат околу 60 тони радиоактивна отпадна вода по ладењето на истопеното реакторско гориво.
Четири испуштања беа извршени во 2023 година, а по седум во 2024 и 2025 година, наведува Кјодо.