Јанушев го истури гневот врз Пендаровски
Веднаш откако претседателот на државата објави дека нема да прогласи нова вонредна состојба, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ истури цела тирада гнев поради оваа одлука. Игор Јанушев, вратен во партиското седиште по изолацијата, со висок тон го обвини Стево Пендаровски дека носи политички одлуки под притисок на Зоран Заев и дека одлучил да му служи на лидерот на СДСМ, иако многу е зголемен бројот на новозаразените од Ковид-19.
„Затоа претседателе Пендаровски единственото што ви преостанува поради доброто на граѓаните, поради вашата уставна обврска да ѝ служите на Македонија и поради вашата одговорност да ги заштитите граѓаните мора да ја продолжите вонредната состојба. Издигнете се над притисоците од Заев, кој во ужасот низ кој поминува народот го гледа само својот спас од одговорност, и жилаво и нервозно се бори за тесен пораз газејќи над илјадници судбини. Немате обврска да му служите на Заев, но имате обврска, уставна и морална да го заштитите здравјето на граѓаните. Продолжете ја вонредната состојба, бидејќи кариерата на Заев завршува, но да спасиме да згаснуваат животи на недолжни граѓани.
Не прогласувањето на вонредната состојба значи политичка одлука на Пендаровски донесена под притисок на Заев. Ништо поинаку. Таквото однесување значи дека Пендаровски наместо на народот одлучи да му служи на Заев“, рече Јанушев.
Тој го обвини и Заев: „Поентата е што Заев го турка народот во кланица и нов корона пик, сакајќи избори без целосен мониторинг, какви што сме немале ниту во деведесеттите, избори со стотици жртви и ниска излезност. Заев денес призна дека сака избори без целосен мониторинг и сега сите ние треба да го прифатиме како нормална работа“.
Јанушев рече дека за неговата партија да излезе со конкретен датум за изборите (околу споменувањето на компромисното решение за 8 јули) треба да има нормализирање на состојбите затоа што за нив здравјето на граѓаните било најважно.