Јанкуловски земал ректорски додаток од 100.000 денари
Откако дошол на функцијата, на актуелниот ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ (УКИМ), Никола Јанкуловски на два наврати му бил покачен надоместокот, односно додатокот што тој го земал на основната плата, како професор на Медицинскиот факултет и како доктор на Клиниката за дигестивна хирургија.Од 60.000 денари, овој додаток во 2016 година откако Јанкуловски ја презема функцијата, се зголемува на 80.000 денари, а во 2021 година на 100.000 денари.
Користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Мета.мк ги добила договорите склучени меѓу ректорот и универзитетскиот Сенат и одлуките на Комисијата за финансии, инвестиции и развој која ги носи одлуките за висината на ректорскиот додаток. Патем, одлуките се потпишани од Билјана Ангелова, актуелен проректор и претседател на комисијата, а кандидат за нов ректор на УКИМ.
Според документите, до 2008 година, ректорот на УКИМ земал 17.576 денари од буџетот на Министерството за образование и наука (МОН) и 18.000 денари од сопствени средства на Ректоратот. Од 2008 до 2016 година, средствата од МОН остануваат исти, а исплатите на сметката на ректорот од сметката на Ректоратот се зголемуваат на 60.000 денари.
Во 2016 година, кога Јанкуловски доаѓа на позицијата, овие исплати се зголемуваат на 80.000 денари. Во 2021 година, во мај, додатокот се зголемува на 100.000 денари, а на сметка на тоа нема исплати од страна на МОН, бидејќи со најновиот колективен договор склучен во април 2021 меѓу МОН и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, утврдено е „функционалниот додаток да се исплаќа само од сопствени приходи на установата“.
Во Договорот меѓу ректорот и Сенатот на УКИМ се утврдени основните услови за ангажманите на ректорот, додека Комисијата за финансии, инвестиции и развој ја утврдува висината на неговиот надоместок.
Во договорот од 2016 година се вели дека „ректорот ја прима платата што ја примал пред стапување на функцијата“, а има право и на „додатоци на плата, надоместоци на плата и други надоместоци согласно со закон“. Со истиот договор, било предвидено и дека ректорот има „право на мобилен телефон и репрезентација на сметка на Универзитетот, во земјата и во странство, без ограничување“. Воедно, предвидено е и службено возило, 24 часа на ден, за службени потреби.
Во вториот мандат, во 2020 година, ректорот Јанкуловски и Сенатот на УКИМ имаат склучено речиси идентичен договор, со тоа што не е наведено дали трошоците за репрезентација се неограничени и дали службеното возило може да се користи 24 часа дневно.
Врз основа на овие договори, понатаму се носи и одлуката на Комисијата за финансии, инвестиции и развој за исплатата на ректорот.

Антикорупциската комисија во 2019 година предложи да се поведе кривична постапка против Јанкуловски оти не го ставил во мирување работното место на Клиниката за дигестивна хирургија.
„На ректорот од клиниката му е исплатувана плата, а надоместок од ректорат за неговиот ангажман во УКИМ. Според Законот за високо образование надоместокот за ректор е еднакво на исплата на плата и затоа предлагам да се побара од Клиниката работното место да му се стави во мирување“, рече тогаш Билјана Ивановска, претседателка на Антикорупциската комисија.
Во иницијативата на комисијата стоеше дека Јанкуловски не го ставил во мирување својот работен однос во ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија за време на извршувањето на ректорската должност. Со тоа, според наводите, тој од 15.09.2016 година противправно стекнал имотна корист од 2,45 милиони денари (речиси 40.000 евра) по основ на плата од клиниката, а бил должен работното место да му биде ставено во мирување.
Но, обвинителството ја отфрли оваа иницијатива истата година.