Јанкуловска за 27 април дознала од телевизија


Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска во Кривичниот суд во Скопје рече дека ВМРО-ДПМНЕ не била организатор на протестите на 27 април. Јанкуловска потенцираше дека одлука на органи на партијата поврзани со протестите не и се познати.

„Партијата никогаш не излезе со формален став за ова движење. Исто така одлука на Извршниот комитет, во кој бев член, за поддршка на протестите не беше донесена“ – рече Јанкулоска.

Запрашана од страна на одбраната на обвинетите што правела на 27-ми април, таа рече дека била во својата канцеларија во партијата, а веднаш до неа се наоѓала и канцеларијата на Миле Јанакиевски.

“Со Миле неколку пати во текот на денот јадевме и пиевме и разговаравме на теми кои тогаш беа од наш интерес, во партијата ништо не се случуваше невообичаено”, сведочеше Гордана Јанкуловска.

Според неа 27-ми април оставил траги кај сите нив.

„Јас во 17 часот си заминав од партијата и отидов дома, подготвив ручек и на телевизија видов што се случува, тогаш една ТВ емитуваше во живо од внатрешноста на Собранието”, тврдеше Јанкуловска.

За денешното рочиште беа повикани  17 сведоци, а Јанкуловска беше спроведена од КПУ Идризово, каде издржува казна затвор за набавката на луксузниот Мерцедес.

На претходното рочиште на судењето беше презентиран вештиот наод и мислење од вешачењето на телефонот на сведокот Александар Василевски Нинџа, според кое Василевски на 27 април до 22 часот не бил присутен во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа според одбраната покажува дека овој сведок претходно лажно сведочел пред судот кога тврдел дека бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во 18 часот и слушнал како се издаваат наредби и насоки за упадот во Собранието.

Адвокатот Еленко Миланов уште на почетокот на судскиот процес во кој им се суди на Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски, сите обвинети за организирање на упадот во Собранието на 27 април 2017 година, рече дека одбраната ќе докаже дека Александар Василевски Нинџа дал лажна изјава на рочиштето во јуни кога тврдеше дека во штабот на ВМРО-ДПМНЕ се координирала целата акција на упадот во парламентот на 27 април 2017 година.

– Ќе докажеме дека Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, во ниту еден момент не биле во ниту една базна станица со лицето Александар Василевски Нинџа, кој изјавил дека видел и слушнал како Спиро и Миле организират некого во штабот – рече Миланов.

Василевски тогаш тврдеше дека на 27 април околу 17.30 му се јавил Спиро Ристовски кој го прашал каква е состојбата на терен и го повикал да дојде во штабот на ВМРО-ДПМНЕ.