Јанкулоска доби одмор од затворот и отиде на средба со Мицкоски


 

Во пресметката со поранешниот лидер во игра се фрлаат и неговите најверни соработници. Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која деновиве го користи вториот дел од годишниот одмор додека одлежува затворска казна за случајот „Тенк“, отиде во штабот на ВМРО-ДПМНЕ да му искаже поддршка на Христијан Мицкоски во вербалната пресметка со Никола Груевски.

Фотографијата ја објави Мицкоски на својата Фејсбук страница и напиша само две реченици: „Средба силна колку Горде. Неправдата никогаш не нè скршила!“

Објавувањето на фотографијата секако не е случајна, како и насмеаните лица на Мицкоски и Јанкулоска. Тоа треба да му послужи на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да ги собере околу себе и министрите од времето на Груевски кои најмногу настрадаа низ судењата додека тој избега во Будимпешта. Освен Јанкулоска во затвор е и поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески.

Гордана Јанкулоска на неколку пати во минатото изразуваше незадоволство што нејзиниот партиски и владин шеф ги остави на цедило и избега од правдата ламентирајќи од Будимпешта за судски неправди.