Јаневска во УГД да ги поттикне на подобрување
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска оствари средба со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Дејан Мираковски, проректорот Дарко Лазаров, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, и директорот на Педагошката служба во МОН, Роберт Аџипетров. Главна тема на разговорот беше донесувањето на трите нови закони – за високо образование, за квалитет во високото образование и за научноистражувачка дејност.
Министерката истакна дека целта е усогласување на значајни елементи, кои ќе придонесат за подигање на квалитетот на високото образование и улогата на универзитетите во корист на општеството преку одлична едукација на студентите.
Јаневска потенцира дека научноистражувачката дејност е меѓу врвните приоритети на Владата. Таа информира дека се зголемени платите на професорите, како и средствата за наука, со цел професорите поинтензивно се вклучат во научноистражувачката дејност и своите трудови да ги објавуваат во светски признати списанија. Посочи дека ова е мотивирачко за професорите во високообразовните институции, а во новиот закон ќе има точно прецизирани критериуми за избор.
– Тие ќе мора да ги исполнат овие критериуми за да бидат избрани во повисоко звање. Бараме од универзитетските професори да прават истражувања, не само да ги спроведат туку и да ги објават во релевантни списанија – светски признани со фактор на влијание. Третиот најважен дел е што оваа Влада почна да финансира научни истражувања, односно минатата година имавме повик за 45 научни истражувачки проекти, кои универзитетите и јавните институти ги добија и тие се во тек – вели Јаневска.
Министерката апелира во научните истражувања да бидат вклучени и студентите.
– Универзитетите малку да се реорганизираат, да спроведат формирања стартапи, хабови и, се разбира, врв на целата наша заложба е проектот што го водиме како Влада за формирање на првиот научнотехнолошки парк во Македонија – рече Јаневска.

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Дејан Мираковски, истакна дека на денешната средба со министерката Јаневска разговарале за подобрување на квалитетот на високото образование во насока на новите закони, кои се изготвуваат.
– Тоа е еден процес, кој, верувам, за сите е многу важен, а особено за универзитетите, ќе ни овозможи навистина да ги постигниме резултатите што општеството ги очекува од нас, односно да го подобриме и квалитетот на образование, но и сервисот на универзитетите кон општеството – рече Мираковски.