Јаневска уверува: Нема да има проблеми со наставниците по измените во законот


Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека не очекува да има недостиг од наставници во основните училишта по усвојувањето на новиот Закон за основно образование.

Според новините во законот, наставниците кои завршиле за педагог ќе можат да предаваат од прво до трето одделение, додека оние со завршен факултет за одделенска настава ќе можат да работат од прво до петто одделение.

Овие измени предизвикаа реакции од дел од наставниците, кои се загрижени дека можат да останат без часови и затоа започнаа петиција за враќање на претходното законско решение.

Јаневска, сепак, истакна дека Министерството за образование и наука направило детални анализи и не очекува да има недостиг од наставници, бидејќи тие ќе имаат можност да работат и во дневен престој.

Таа нагласи дека продолжуваат анализите и доколку се утврди дека има недостаток на наставници во одделенската настава, пратениците ќе можат да предложат амандмани за измени на Законот за основно образование.