Јаневска го прогласи МОН за ненадлежно за случајот со проблематичниот третоодделенец во „Лазо Ангеловски“


Фото: Б. Грданоски

Откако и родителите на учениците од ООУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром се заканија дека нема да ги донесат децата на настава од утре, затоа што во училиштето се врати третоодделенецот кој беше проблематичен, Весна Јаневска, министерката за образование и наука се прогласи за ненадлежна за решавање на проблемот. Вели дека има систем, но поголеми ингеренции од МОН, според неа, имаат општините и училиштата.

Две општински училишта, од Центар (11 Октомври“) веќе бојкотира настава, а од Аеродром „Лазо Ангеловски“, вечер треба да одлучи дали учениците утре ќе се појават на настава или не.

Нејзиниот одговор на новинарско прашање што ќе се преземе за да се најде решение за овој случај ви го пренесуваме во целост:

– Сметам дека овој случај доби преголема, непотребна и донекаде неправедна јавност и обем за којшто се дискутира јавно. Секое дете во оваа змеја има право на образование, образованието во оваа земја е задолжително. Фокус на образовниот систем е детето. Детето кое и да е и што и да му се случува во ќивотот, во овој систем, во системот на државата треба да си најде место, односно државата е должна, вклучувајќи ги и училиштата да му овозможат на детето да поминува низ образовен процес. Сметам дека е пренагласена реакцијата на сите родители, но сметам дека и училиштата треба посериозно да ја сфатат работата, во однос на доцата кои имаат потешкотии во учењето или во однос на децата кои имаат потешкотии во однесувањето и социјализацијата во сопствената средина. Овој случај трае премногу, преземени се одредени мерки, па дури и МОН формира комисија која се вмеша во решавањето на случајот. препорачано е детето да ја промени средината. Ако стручни лица препорачале детето да ја промени средината, значи детето треба да ја промени средината. Училиштето од коешто потекнува детето има на располагање и педагог и психолог и социјални работници и директор и цел систем којшто треба да го реши овој проблем. Било кое училиште во коешто оди детето, исто така има и стручни служби и цел систем на располагање. Детето не може и не смее да остане на улица.
Она што денес не стигнав да го проверам, а веројатно е точно дека детето има право да остане да се образува во општината од којашто потекнува, но во текот на денот и тоа ќе биде расчистено.

Значи јас ве молам, државата постои, системот постои, да му дадеме поддршка на едно дете коишто има таков начин на однесување или има потешкотии во учењето. Така ќе го наречеме тоа, оти веројатно станува комбинирана некоја промена и во однесувањето и во учењето. МОН сериозно ќе се заложи ќе се заложи да го реши овој проблем иако тоа не се ингеренции на министерството. Поголеми ингеренции имаат општините, секако педагошките служби, секако социјалните служби и секако одговорност ќе имаат управителите на училиштата.

Проблемот можеби е голем, јас не сум запознаена со деталите, но затоа постои систем за да го реши проблемот. Ако по линија на помал отпор било дозволено да се отпишуваат ученици заради присуството на ова дете ние вината не треба да ја бараме ниту кај учениците, ниту кај родителите. Системот затоа постои. Училиштето има препораки, има упатства, социјалната служба, психолозите, потребна била можеби и лекарска помош. Сѐ тоа треба да се организира и да се спроведе за детето да не трпи. Училиштата – образовниот систем постојат за децата. Секое дете родено во оваа држава треба да му се најде начин, да му се олесни животот, да се открие причината за некакво несоцијално однесување и да му се овозможи да учи детето.

Пррашана, како ќе се заштитат неговите соученици, Јаневска рече:

– Прво ги повикувам одговорните, значи директорите, градоначалниците, стручните служби да дообјаснат таму каде што треба тоа што треба да дообјаснат. Јас веќе кажав дека министерството било информирано и презело одредени чекори, доколку во следните два-три дена не се најде решение, Министерството повторно ќе се инволвира. Се разбира дека решението треба да биде задоволително за сите страни. Според мое длабоко лично мислење можно е. И доколку треба да, во следните неколку денови ќе се сретнам со сите релевантни чинители со тој што треба да разговарам.

Целата приказна прочитајте ја овде:

Проблематичниот третоодделенец утрово се појави на часови во „Лазо Ангеловски“ соучениците си заминуваат