Училиштето „Ѓорѓи Наумов“ ќе биде седмиот регионален центар за стручно образование


Битолското средно техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ ќе биде седмото училиште што ќе се трансформира во регионален центар за стручно образование и обука и ќе премине во надлежност на Министерството за образование и наука. Одлуката е донесена врз основа на направена анализа на сите училишта во пелагонискиот плански регион и констатирано е дека токму ова ги исполнува предусловите да прерасне во државна образовна установа која ќе реализира, промовира и ќе придонесува за развојот на стручно образование и обука.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која денеска беше во посета на општина Битола, потенцирајќи дека процесот на трансформација ќе потрае, затоа што неопходно е инвестирање во инфраструктурните услови и во нова опрема, како и дефинирање на струките и профилите ќе бидат застапени во иднина, а согласно развојот на индустријата во регионот.

„Ова е седмото општинско училиште кое прераснува во регионален центар за стручно образование и обука, а планирано е да бидат отворени вкупно осум, во секој од планските региони да има еден ваков центар. До крајот на годината ќе донесеме одлука и за уште едно училиште, а потоа ќе се фокусираме на инвестициите, за кои имаме доволно буџет и голема поддршка од Европската унија“, рече Јаневска.

Министерката информираше дека два регионални центри – „Киро Бурназ“ во Куманово и „Ванчо Питошески“ во Охрид се целосно реконструирани, набавен е најголемиот дел од опремата – клупи, столчиња, канцелариски мебел, полици и слично за што, вложени се 9 милиони денари, а во моментов се набавува и механизација потребна за реализација на практична настава.

„Третото училиште – „Моша Пијаде“ во Тетово е во процес на темелна реконструкција, која се одвива етапно во објектите во склоп на училиштето и очекувам најголемиот објект да го пуштиме во употреба во првата половина на декември. Се вложуваат над 250 милиони денари“, додаде Јаневска.

За училиштата „Коле Нехтенин во Велес и „Никола Карев“ во Струмица, за кои исто така е донесена одлука да станат регионални центри за стручно образование и обука, рече дека со инвестициски активности ќе бидат опфатени следната година.

„Согласно Планот за раст и Реформската агенда, процесот на трансформација ќе биде целосно заокружен до крајот на 2027 година. Околу 400 милиони денари добиваме од ЕУ, а секако и државата ќе обезбеди и дополнителни средства доколку е потребно, за да може планираното да се оствари“, потенцираше министерката за образование.