Јаневска бара јавноста да им даде време за да го решат случајот со проблематичниот третоодделенец
Откако и денеска училниците на ООУ „Лазо Ангеловски“ останаа празни, учениците не се појавија на настава откако Советот на родители на училиштето го продолжи бојкотот, затоа што интердисциплинарната комисија на МОН препорача детето да се врати на настава со сратено време на престој, министерката за образование Весна Јаневска денеска побара да им се даде време да го решат случајот.
– Ве молам да дозволите, веќе неколку дена работиме тимски. Министерството за образование, Министерството за здравство. Министерството за социјална работа, демографија и млади и го решаваме проблемот. Дозволете неколку дена да дојдеме до најсоодветното решение. Предвидуваме подлабоки, посериозни активности и постапки кои ќе бидат во корист на детето и решавањето на целиот случај – рече Јаневска.
– Ве молам нема понатаму да дискутираме за ученикот. Не може цела македонска јавност да го стигматизира детето, ве молам дајте ни време, дајте ни извесен период време, ќе го решиме случајот – додаде Јаневска прашана за проблемот во ООУ „Лазо Ангеловски“, денеска на прес-конферениција по повод заклетвата на 27-мата група волонтери на Мировниот корпус.
Вчера, по состанокот на интердисциплинарната комисија, пред Советот на родители од ООУ „Лазо Ангеловски“ и работниот колектив беа презентирани заклучоците, а тоа се: проблематичниот третоодделенец да се врати на настава во „Лазо Ангеловски“, но со скратено време на престој, од половина час, час, а понатаму, кога ќе се интегрира во училиштето, да посетува настава. За родителите веќе е изречена мерка за зголемен родителски надзор од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Исто така, наложено е за детето да се направи проценка од Заводот за ментално здравје и да се определи кои се најдобрите методи за работа со детето за да се подобри неговото однесување.