Јанева оди во аут сосе тајните од „Рекет“?


Разрешувањето на специјалната обвинителка Катица Јанева е закажано за в четврток на програмата во парламентот. Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ќе се состане утре во 12 часот за да го разгледува извештајот од Советот на јавни обвинители, според кој, Јанева својата функција ја извршувала незаконски, несовесно и нестручно, алудирајќи на аферата „Рекет“.

Пратениците што членуваат во Комисијата ќе решаваат дали таа ќе биде отворена за јавноста, со оглед на тоа што извештајот содржи и детали од истрагата за случајот „Рекет“ што е во тек. Претседателот на Комисијата, Илија Димовски, смета дека нема причина седницата да се одвива зад затворени врати кога предност треба да му се даде на јавниот интерес. Тој најави дека ќе побара од претседателот на Советот на јавни обвинители извештајот да биде декласифициран. Од Советот велат дека одговор ќе дадат кога до нив ќе стигне барањето од Димовски.

Сите против Јанева

Во собраниската комисија членуваат 13 пратеници (шест од СДСМ и ДУИ, шест од ВМРО и коалицијата, како и Фадил Зендели од Беса), а моменталното расположение е дека сите ќе гласаат да ѝ се одземе мандатот на притворената обвинителка. Веднаш потоа гласањето ќе се префрли во собраниските клупи, каде што ќе биде потребно двотретинско и Бадентерово мнозинство, што не е спорно.

Но спорно е дали седницата ќе се закаже и заврши до 15 септември, кога истекува законски мандатот на „довчерашната“ шефица на СЈО. Всушност, прашањето е зошто на парламентот му се брза да ја разреши Јанева со цел евентуално да предизвика правни рефлексии преку назначување в.д. главен обвинител?

Нема никакви игри. Тоа што и власта и опозицијата се согласни во разрешувањето на Јанева е само поради почитување на процедурите во Собранието. Штом Советот на обвинители ја донесе одлуката за нејзиното работење, тие веднаш го испратија решението до парламентот, односно до Талат Џафери, а тој потоа ми ја препрати мене. И сега што требаше да направиме јас или тој? Да ја чуваме во фиока? Тогаш ќе се сомневавте во некои други игри. Ние сме должни да работиме согласно процедурите. А изгласување заменик на Јанева е незаконско“, ни изјави Димовски.

Назначување на нејзин заменик не е опција на која се размислува ниту во таборот на власта, барем во моментов, додека сè уште траат преговорите за законот за обвинителство. Нова средба е закажана за в петок.

Последните информации говорат оти се прават напори за доближување на клучните недоразбирања во однос на ставовите на двете страни. Имено, и власта и опозицијата се согласни оти предметите на СЈО не смеат да бидат прекинати, но проблемот е во тоа што СДСМ и ВМРО имаат различни идеи како да продолжат. Власта сака случаите веднаш да продолжат во новоформираното Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, со која би раководела Вилма Русковска, а таму би се преселиле и сите останатите обвинители од СЈО. Најголемата опозициска партија, пак, предлага предметите отворени до 30 јуни 2017 да се префрлат во редовното Обвинителство што сега го предводи Љубомир Јовески, додека обвинителите од СЈО да не бидат по автоматизам прераспоредени во новото обвинителство, туку да конкурираат за работното место како и сите други заинтересирани. Притоа, ВМРО-ДПМНЕ сака шефот на новоформираното обвинителство да го предложат тие, власта да го прифати, а Советот за обвинители само да го потврди. Генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, вчера повтори дека планот „Б“ и евентуалните интервенции во Законот за Советот на јавни обвинители повеќе не е во игра.

Ова не е старото ВМРО

Не потценувајте ја интелигенцијата на народот, ова не е ВМРО од времињата кога СДСМ добиваше на ‘зелени маси’, а народот не беше прашан, ова не е ВМРО од времето на Пржино, а СДСМ го нема ветерот во грб на кој тогаш едреше. Тоа време помина! Ќе биде законот за ЈО – ќе ги прифатат сугестиите и барањата на ВМРО-ДПМНЕ, а бараме само модерен и современ закон, онаков како што функционира во цивилизираниот свет. Обидите на СДСМ за дефокус за наводни амнестии не поминува никаде. Едноставно е тоа што го бараме: закон со кој ќе се почитува владеење на правото и правната држава, со примена на светските и европските конвенции за заштита на човековите права. Тие ќе мора да се откажат од унапредувањето на Катица Јанева кое го бараа, да се откажат од префрлање на кадарот на урнисаното и мртво СЈО во новиот оддел на ЈО и ќе мора да поддржат независен обвинителен систем. Ако соберат сила тоа да го прифатат, ќе има нов закон за ЈО“, рече Јанушев.

Малку потоа, слична порака испрати и неговиот шеф, Христијан Мицкоски.

Ако се надеваат на некакво ново Пржино, некаков нов договор на кој ќе се повтори реприза на ослабеното ВМРО-ДПМНЕ, кое ќе потпишува сè и сешто, надополнето со некој преторијанец во преговарачкиот тим, треба да знаат дека тој филм нема да го гледаат“, вели Мицкоски во видеопорака.

Палмер: Готово е со игрите

Од СДСМ возвратија дека гледаат нервоза во ВМРО-ДПМНЕ бидејќи градењето на независен, професионален и неселективен правосуден систем ги покажувало вистинските резултати.

Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сè уште имаат шанса да покажат дека навистина се за правда и неселективно владеење на правото. Затоа, ги повикуваме да дадат придонес да се донесе законот за Јавно обвинителство и да докажат со дела, а не само со зборови дека се за неселективно владеење на правото. Секој кој ги прекршил законите – ќе одговара“, уверени се на „Бихаќска“.

За законот за обвинителство ќе се гласа во Собранието на 10 септември. И покрај надежта, неизвесно е дали ќе дојде до компромис меѓу партиите.

Од меѓународната заедница и натаму пристигнуваат охрабрувачки пораки да се донесе законот што во многу ќе ја олесни одлуката на Брисел да ни даде датум за почеток на преговорите со Европската Унија.

Правната држава мора да функционира, а времето на партиските игри и обиди да се избегне одговорноста е завршено. Местото на Северна Македонија е во НАТО и ЕУ“, подвлече Метју Палмер, специјален претставник на САД за Балканот, на средбата на маргините на Бледскиот стратегиски форум со шефот на дипломатијата Никола Димитров и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Горан Адамовски