Јанева ќе истражува чии пари Груевски троши во Будимпешта
Специјалното јавно обвинителство најавува финансиска истрага за парите кои ги троши поранешниот премиер Никола Груевски во Будимпешта.
„Не завршивме уште со истражувањето на Никола Груевски во делот на имотната состојба. Имаме намера, покрај финансиската истрага што веќе се води, да побараме меѓународна правна помош кои се изворите на пари од кои се издржува лицето Никола Груевски во таа странска држава“, вели Катица Јанева во ексклузивно интервју за „Независен весник“ .
Поранешниот премиер по правосилната пресуда со која беше осуден за случајот „Тенк“ наместо во затвор избега од земјава и доби азил во Будимпешта, Унгарија. Пред правосилната пресуда Груевски ги испразни своите сметки на кои имаше околу 120.000 евра, а сега добива пратеничка плата која неговите колеги му ја намалија. Тој е осуден, обвинет и осомничен во неколку случаи на Специјалното јавно обвинителство, а неколку пати во јавноста се појавија фотографии и снимки од неговиот престој во Будимпешта.
Јанева сепак смета дека одговорноста за неговото бегство не треба да се бара кај Специјалното јавно обвинителство.
Во интервјуто, Јанева освен за оваа финансиска истрага зборува и за тоа дали ќе конкурира повторно за челната позиција на ова Обвинителство, дали некој од поранешната власт ќе заврши во затвор, но и за новиот предлог Закон за специјално јавно обвинителство, дали ќе продолжат истрагите и дали некој ќе се спаси.
Целото интервју со специјалната јавна обвинителка ќе го читате во саботното издание на „Независен весник“.