Јандроковиќ: Не е коректно што сѐ уште немате преговори со ЕУ


Над ЕУ и НАТО се надвиснуваат сиви облаци, нивната иднина е непозната и затоа е потребно многу труд за да се постигне траен светски мир.

Ова од македонското Собрание го порача претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, зборувајќи за војната во Украина и превирањата кои се случуваат на глобалната политичка сцена..

„Последните месеци сведоци сме дека на двете страни од Атлантикот постојат различни визии за тоа како треба да изгледа еден мир. Времето ќе покаже во која мерка е возможно да се воспостави заедничка визија за тој мир. Нам ни е важно тој мир да биде одржлив и праведен, а не да биде неизвесна иднина“,рече Јандроковиќ.

Според него, Киев мора да биде вклучен во разговори за постигнување на мир, во спротивно тоа би бил силен удар врз меѓународното право и промовирање на поредок врз моќта на посилниот.

„Не може да се разговара за мир во Украина без учество на Украинците, бидејќи тоа ја доведува во опасност нивната сувереност и територијален интегритет. Тоа би бил и силен удар врз меѓународното право и врз светот кој го градиме од Втората светска војна наваму. Не може да се размрда тој поредок, затоа што тоа ќе биде неверојатен преседан којшто ќе создаде нестабилност и којшто ќе значи оправдување на агресија“,рече Јандроковиќ.

Јандроковиќ кој се наоѓа во официјална посета на Македонија, во говорот се осврна и на патот на земјава кон ЕУ, при што рече дека не е коректно што земјава пет години чека за формален старт на преговорите за членство. Како што рече, на Република Хрватска и е многу важно што одлуката за отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија била донесена за време на нивното претседавање со ЕУ, во март 2020 година.

„Тогаш вложивме многу дипломатски напори за да се оствари тоа. Но, за жал, и по пет години вашите преговори со Европската Унија се уште не се формално отворени. Тоа не е коректно. Го разбираме нетрпението на вашите жители. Република Хрватска високо ги цени сите ваши достигнувања и мисли дека заслуживте многу поголем напредок и ќе ве поддржи на вашиот пат кон Европската Унија“, рече Јандроковиќ.

Како што рече, и тие поминале многу напорен процес до членство во Унијата и „затоа од сопствено искуство ви велиме дека треба да истраете, од денешна перспектива тој пат и тие реформи навистина се исплатеа“.

Тој проговори и на македонски јазик, а ги цитираше стиховите на Дадо Топиќ од песната „Македонија“. 

Според него, Хрватска е силен поддржувач на Македонија во напорите да го оствари европскиот сон, да ги надмине препреките кои често пати се неправедни и да и помогне во спроведувањето на реформите преку различни иницијативи, проекти, парламентарна соработка. 

„Важно е да имате пријатели и партнери. Тоа е сржта на мојата посета. Да го развиеме партнерството. Хрватска ве поддржува кон ЕУ. Знаеме дека има проблеми, го следиме патот ваш, имавте тешко остварено членство во НАТО, сега се обидувате да ги преминете препреките кон ЕУ. Ние ве охрабруваме. Членството има геополитички придобивки, но важни се и реформите бидејќи ги зајакнавме институциите, економијата, направивме подлога за економски развој, и ве охрабрувам да дадете се од себе да имате посилни институции и повисок стандард без разлика на препреките кои се неправедни, вие ја имате нашата поддршка“, изјави Јандроковиќ.