Јанчев: Над 800 лица се грижат за безбедноста на „Тиквешки гроздобер“

Над 800 лица од повеќе субјекти надлежни во различни сегменти, активно се грижат за безбедноста на „Тиквешки гроздобер“, рече денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, на седница на Совет на Општина Кавадарци. Тој појасни дека за таа безбедност да биде на највисоко можно ниво, редовно се изработува елаборат со вклученост на повеќе страни од стручен аспект.
– Околу шеесет илјади луѓе ја посетуваат оваа традиционална тридневна манифестација во септември месец, за време на главната вечер. Безбедноста ни е најважна, па затоа во целата таа организација се вклучени луѓе од Општината, јавното претпријатие „Комуналец“, полицијата, Дирекција за заштита и спасување, медицински лица, Црвен крст и слично, појасни градоначалникот.
Тој подвлече дека станува збор за организација на манифестација, што треба да биде пример и за многу други општини во државата.
– За тие три дена, на официјалните штандови на градскиот плоштад, се продава само вино и производи од грозје. Вообичаено имаме по околу 150 илјади посетители за тридневната манифестација. На главната вечер од „Тиквешки гроздобер“, околу 60 илјади. За три дена манифестација, се испиваат во просек по околу 30 тони вино, а во платниот промет се свртуваат околу милион евра, додаде Јанчев во изјава за МИА.
На денешната седница, со мнозинство гласови, беше усвоена предлог програмата за годинашнава манифестација, што вообичаено се одржува првиот викенд во септември месец.