Јакимовски: Заев ме апсел, па сме се слушале телефонски – ќе се сретне со Ѓорѓиевски за излегувањето од ЗЕЛС


Градоначалникот на Општина Карпош на денешната прес конференција најави дека општина Карпош може да ја напушти ЗЕЛС поради големи притисоци од страна на централната власт.

„Причини за напуштање на ЗЕЛС има многу. ЗЕЛС ги премолчи сите притисоци што ги трпиме од министрите од оваа влада. Не сум прв пат градоначалник. Но, ова е невидено што го прават министрите од владата на Мицкоски. Не знам дали е по негова директива, или не е, но гледате што прават со градоначалникот на Струмица. Градоначалникот да имал чиста вода за пиење. Министерот си ја решил ситуацијата во земјоделието, па се фатил со детено „водата, па водата“. Мора да се однесуваме како раководители на институции, а „не секој ден она дете да го малтретират. Тој прави куп анализи, а тие му велат не ти чини водата. Оди реши си ги патлиџаните, оди реши си ги зелките, морковите, тоа ти е работа. Оди најди пазар за овие луѓе, а не да се изживуваш со градоначалници“, порача Јакимовски.

„Јас сум бил градоначалник и со Љубчо Георгиевски и со Никола Груевски, сум бил негова жестока опозиција. немало министер на кого ќе му се јавам да не крене телефон. Истото и со владата на Ковачевски и со Зоран Заев сме биле противници. Ме апсел Зоран Заев, телефонот, ќе кренеме, тој ќе крене. Значи ние мора да се однесуваме како луѓе кои водиме институции. Дали се сакаме или не, тоа е друга работа“, додаде Јакимовски.

Се осврна и на тоа со што се соочува тој, па вели: „Министерот за транспорт вика јас не потпишувам планови додека сум министер и уште се фали дека со новиот закон му се зголемиле ингеренциите. Сега јавно да го прашам. Вие одите кон Брисел или одите кон Москва? Ако одите кон Брисел вие треба да ги намалувате дискреционите права, а не да ги зголемувате. Ако одите кон Москва, тогаш ќе функционирате со декрет. Министерот за внатрешни, гледате ни пушта кривични, на апсолутно чист предмет, а од друга страна гледате дека се пуштаат бандити од затвор. Од друга страна, прв пат во 47 години се случи да не се гласаат програми, да не се гласа Буџет и тоа од оваа партија на власт. Кое племе е ова? Од каде дојдоа? Да не се гласаат програми за работа. Ај што не ги гласаат, туку кога ќе ги изгласаме, ги обжалуваат во инспекторат и вршат притисок да донесат одлука каква што тие сакаат. И мислат дека ние сето тоа треба да го трпиме. Министерот за локална самоуправа го гледа сето тоа и си ќути. ЗЕЛС ова го гледа како не се гласаат програми на колеги кои не се од негова партија. И ние треба да останеме во таа институција и да функционираме“, вели Јакимовски.

Затоа смета дека претседателот на ЗЕЛС не треба да биде од истата партија за да ги штити интересите на локалната самоуправа.  Со ваквиот однос на централната власт вели, треба да бидат запознати сите амбасади како функционира оваа власт буквално разулавена.

„Но јас сум сепак, за да седнеме и да разговараме. Мене ме побара колегата Орце Ѓорѓиевски. И побара да се сретнеме. Да сакам да се сретнеме и треба да се сретнеме, затоа што вака не можеме да функционираме“, изјави Јакимовски, кој очекува средбата да се случи денеска.

На Јакимовски не му е јасно, зошто власт избрана со 460.000 гласови, се занимава со градоначалници како Костадинов, како Јакимовски или Арсовска, а не се занимава со Брисел и со Вашингтон. 

Вели дека се знае дека тие се посилни од нив, затоа што се власт, а другиве се локална самоуправа.