Јакимовски до Мицкоски: Не дај боже да дојдеш на власт!


Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски му порача на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека советниците од неговата партија во сите општини ќе продолжат да ги поддржуваат и ќе гласаат за ветените проекти на градоначалниците од неговата партија, за разлика од советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош кои, како што тврди – упорно ја опструираат работата на општината. Јакимовски го праша Мицкоски дали чувствува одговорност за опструкцијата што ја прави во општините во кои што тој нема градоначалник, вклучувајќи го и градоначалникот на Скопје, кој што очигледно веќе не го чувствува за свој? Потоа тој отвори „фронт“ и со градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски кого го обвини дека се обидува да му „купи“ советник. 

– Сакам да му порачам на мојот колега Муцунски од општина Аеродром, дека нема потреба и натаму да прави обиди,за купување на советник од ГРОМ, под изговор за наводна грижа за негово работно ангажирање. Ова е порака, не само до него, туку до сите градоначалници, не само од ВМРО-ДПМНЕ, туку од било која партија. Таму каде што советникот на ГРОМ е одлучувачки, никаде советниците на ГРОМ немаат добиено наредба да ги опструираат градоначалниците и нивните одлуки. Ќе продолжиме така, немате потреба од никакво купување, напротив, секаде ќе бидете поддржувани, се со цел да ги исполните ветувањата што ги дадовте на граѓаните во општините во кои што ја добивте власта. Сакам јасно да ви кажам, дека вака работам јас и Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ. Ние секаде ќе ве поддржуваме, за разлика од вас кои што не опструирате во општина Карпош и во 2025-та година граѓаните ќе можат да направат разлика меѓу вас, кои сте поддржувани, и мене кој што во континуитет ме опструирате.

Во исто време, сакам да му порачам на господинот Христијан Мицкоски, кој што вели дека  за бетонизација на Карпош не може во мене да најде квалитетен соговорник. За мене, искрен да бидам, тој не е квалитетен соговорник за многу работи. Но, се прашувам, како тој е квалитетен соговорник за градоначалникот на Ѓорче Петров со кој  се договараат да се изгласа цела населба, со 50 нови станбени згради, од кои и 17-катници. И да му повторам, и советникот од ГРОМ исто така гласаше, со цел да не врши опструкција на градоначалникот на Ѓорче Петров, и ние ќе продолжиме така. Но, во исто време сакам да му порачам на господинот Христијан Мицкоски, дека будно ќе пратиме каде и во кои општини ќе се носат урбанистички планови за наводна бетонизација на општините и сето тоа ќе го претставуваме пред граѓаните, со цел да се види неговата лицемерна и лажна политика, зад која што практично се крие – само опструкција и ништо повеќе во општина Карпош. И сакам само да го запрашам: Чувствува ли одговорност за тоа што се случува воопшто во Скопје? Чувствува ли одговорност за неговите неодговорни политики? Чувствува ли одговорност за опструкцијата што ја прави во општините во кои што тој нема градоначалник, вклучувајќи го и градоначалникот на Скопје, кој што очигледно веќе не го чувствува за свој? И очигледно дека ова е негов начин и модел на функционирање, опструкција во општините, опструкција во столицата на Р.Македонија, опструкција во Собранието на Р.Македонија.

Во секој случај, уверен сум дека, граѓаните јасно ќе препознаат, кој е конструктивен и кој нуди решенија за нивните проблеми, а кој само кенка како дете пред исфрлање на сипаници и се му смета, и е против се, а демек кога ќе дојде на власт, тој ќе ги решел сите проблеми. За жал, она што го демонстрира, како ја води локалната самоуправа и градот Скопје, е вистински пример за тоа каков хаос ќе направи ако, не дај Боже еден ден, го превземе водството во Р.Македонија, вели градоначалникот Јакимовски.

 Муцунски реплицираше дека со советниците на ГРОМ имаат одлична соработка и дека оттаму  обвинувањата што ги изнесе на прес-конференција, за наводно посредување за вработување од страна на градоначалникот Муцунски за советник на ГРОМ, се груба лага и невистина.

„За да се изнесе вакво тенденциозно тврдење пред македонската јавност, Јакимовски треба да располага со конкретен доказ со што би се докажало евентуалното влијание на градоначалникот Муцунски.Доколку Јакимовски поседува доказ за такво нешто, го повикуваме јавно да го приложи, а доколку го нема, само докажува дека неговата политичка култура е на најниско ниво. Како политичар и народен избраник за неговата позиција, тој треба да се занимава со прашања за кои е избран, а не да се служи со политиканство, измами и лаги“, порача Мицунски.

Притоа, му посака добро здравје и работа насочена кон граѓаните на Карпош.