ЗЕЛС е партиски комитет на ВМРО-ДПМНЕ, вели Стевче Јакимовски
Градоначалникот на Карпош бара претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, да ги вразуми министрите
Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска повтори дека ќе го напушти ЗЕЛС доколку претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски немо ја следи целата ситуација и не преземе чекори за вразумување на министрите бидејќи се врши, како што рече, континуиран притисок врз Општината. Со Ѓорѓиевски, како што рече, ќе разговара од понеделник.
Во изјава за медиумите дадена пред седиштето на Општина Карпош, Јакимовски рече дека неговата намера за напуштање на ЗЕЛС не била сфатена сериозно.
„ЗЕЛС е обичен партиски комитет на ВМРО-ДПМНЕ и нема никаква врска со идеите и развојот на локалната самоуправа. Ова покажува дека Орце Ѓорѓиевски е обична фигура на чело на ЗЕЛС, а дека целата политика ја креира неговата партија и составот на Извршниот и Надзорниот одбор на ЗЕЛС е креиран од Христијан Мицкоски. Тоа се причини повеќе да укажеме дека или ќе го корегираат нивниот однос или ќе го напуштиме ЗЕЛС“, рече Јакимовски.
Тој Испрати порака до министрите дека мора да си ја вршат работата согласно закон без разлика дали им се допаѓа Општина Карпош или не.
Јакимовски и вчера најави дека ќе ја напушти ЗЕЛС посочувајќи дека дел од министрите во Владата треба да го корегираат својот однос кон нив како градоначалници.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски (ВМРО-ДПМНЕ) по најавите за излегување на Струмица и Карпош од ЗЕЛС вчера изјави дека се надева оти ќе надвладее разумот и градоначалниците на Струмица и Карпош ќе ја преиспитаат одлуката. Како што вчера изјави Ѓорѓиевски, одлука за напуштање на ЗЕЛС носи Советот на општината.
Од Општина Струмица вчера официјално соопштија дека се откажуваат од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а градоначалникот Костадин Костадинов дека ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор. Напуштањето на ЗЕЛС, како што информираа, е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит, соопштија од локалната самоуправа откако претходно ваквата одлука ја најави градоначалникот Костадин Костадинов.
Денеска се огласи и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски кој рече дека законска обврска на локалната самоуправа е да обезбеди питка вода за пиење за граѓаните. Нашата интенција, вели Трипуновски, беше да помогнеме затоа што видовме дека локалната самоуправа не успеа да го изменаџира процесот. Трипуновски рече дека во целата ситуација нема никаква политика од страна на Владата и дека единствената интенција на Министерството била да ѝ се помогне на општината за надминување на проблемот со водата за пиење.
„Тоа што градоначалникот на Струмица и сите претходни градоначалници не инвестирале доволно во филтер станицата говори за нивното работење во минатото. Не е одговорноста на Владата, одговорноста е на локалната самоуправа“, рече Трипуновски, одговарајќи на новинарски прашања по денешната дебата во Владата посветена на земјоделството, локалната самоуправа и животната средина.