Јакимовски: Министерот Николоски вештачки ја крева цената на становите во Карпош


Фото: Б. Грданоски

Синоќа на вонредна прес конференција градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски изнесе тешки обвинувања за злоупотреби од страна на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски.

Јакимовски го обвини министерот Николоски дека со неодобрувањето на урбанистичките планови предизвикал цената на квадратен метар во општината да порасне за 700 евра во последните девет месеци.

– Цената на станот се движи од 2.500 до 3.000 евра тоа е најгорливиот проблем за еден млад човек, па и за мене како татко. Сакаш да му обезбедиш станбено прашање на своето дете. Кој е тој млад човек кој може да купи стан во Карпош по цена од 2.700, 2.800 евра за квадрат? Ајде кажете ми еден полицаец кој ќе се вработи за 27 илјади стартна плата без тие додатоци. Па, кога ќе купи тој стан? Со 400 илјади не може да купи – рече Јакимовски.

Јакимовски вели дека и во дел од изградените згради намерно не се продаваат станови за вештачки да се зголемува цената на станбениот простор.

За обвинувањата во минатото од страна на власта и опозицијата дека е „соработник и член на урбаната мафија“, Јакимовски рече:

– Јас член на урбана мафија со вкупно изградени 37 згради во општина Карпош на три ката, а општина Аеродром со 200 изградени згради над 8 ката, таму не се членови на мафијата!? Јас сум имал станови, а они немале? Гледате ли во што се претвора општина Аеродром? Во џунгла на асфалтот – истакна Јакимовски.