Јадранската повелба ќе се проширува со нови членки, најави Османи


 

Лансирање процес за создавање нов стратешки концепт за А5 ќе биде најважен дел од приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со САД – Јадранската повелба во текот на оваа година, како и проширување со нови членки, истакна на денешната прес-конференцијата по отворањето на неформалниот министерски состанок на оваа иницијатива шефот на дипломатијата Бујар Османи.

„После две декади постоење геполитичките околности во регионот и пошироко се значајно променети, а особено по актуелната воена агресија на Русија врз Украина. Дополнително А5 во голем степен ја има исполнето иницијалната цел за која беше основана – денес практично сите три земји основачи дополнително и Црна Гора како подоцнежна членка на Повелбата, се членки на НАТО. Оттука, нашата цел е да ја адаптираме А5 на актуелните состојби и да ја зајакнеме нејзината политичка улога во насока на полесно справување со современите безбедносни и регионални предизвици“, подвлече Османи. 

Предлозите предвидуваат зајакнување на координацијата и соработката на земјите од Повелбата кои се членки на НАТО што е во насока на промовирање на интересите на целиот регион во различните структури на Алијансата, дефинирање на спектар на механизми кои ќе овозможат поголем ангажман и вклученост на земјите од Повелбата кои не се членки на НАТО – БиХ, Косово и Србија. 

Проширување на регионалната соработка за актуелни теми и прашања кои се актуелни во НАТО  како што се справување со хибридни и сајбер закани, стратешки комуникации и други. 

Од  неформалниот министерски состанок денеска ќе биде усвоена заедничката изјава од кои се издвојуваат две пораки – заедничка поддршка на политиката на отворени врати на иницијативата односно проширување на А5 со нови земји членки, заради промоција на инклузивност, соработка и стабилност во региот и силна поддршка на земјите членки за Украина и осуда на руската агресија.