Ја саботираат струјата во штипската модуларна болница – може да избие пожар


Директорот на Клиничка болница-Штип, Владко Захариев, објави дека во модуларниот објект, намерно се оштетува струјата во неколку наврати. Тој посочува дека случајот е загрижувачки и станува збор за сериозна закана.

„Загрижувачки случаи на вандализам во модуларната болница во Штип! Во изминатиот период, модуларната болница во Штип неколкупати е мета на намерни оштетувања. Непознати сторители саботираат делови од електричната инсталација, со сериозен ризик да предизвикаат краток спој и пожар. Со тоа директно се загрозува здравствениот персонал и безбедноста на објектот, посакувајќи намерен пожар. Дополнително, овие вандалски акти ја успоруваат и одложуваат планираната реконструкција и унапредување на модуларната болница, која треба да обезбеди подобри услови за згрижување на пациенти и работа на медицинскиот кадар. Станува збор за сериозна закана која бара итна и решителна реакција“, вели Захариев.

Тој посочува дека има камери и обезбедување. Засега не е познато дали случајот е пријавен во МВР.

„Не е муабетот каде е обезбедувањето, туку до каде оди човечката психа. Да споиш фаза и нула за да предизвикаш пожар не можам да си го објаснам“, додава Захариев коментирајќи на социјалните мрежи.