Изминатата недела отстранети 165 непрописно паркирани возила во Скопје


Во текот на изминатата недела со „пајак“ се подигнати 165 возила од јавните површини, информираат од Град Скопје.

Како што стои во соопштението, од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 13 се отстранети од зонските паркиралишта, а другите 152 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин,  тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.

Контролорите на зонските паркиралишта, во истиот период, санкционирале вкупно 317 возила, поради нерегулирано паркирање, односно, за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 13 возила се  отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.

Градот Скопје и Јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта, како и навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани.