Изложбата „Азбука“ на Сергеј Андреевски поставена во МАНУ (фото)

Изложбата е посветена на нашиот великан Конески. Блаже Конески е и А и Ш во нашето современо живеење


Фото: Б. Грданоски

По повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, денес, во МАНУ , беше поставена изложбата „Азбука“ на македонскиот академски сликар Сергеј Андреевски. 

Фото: Б. Грданоски

„Изложбата е посветена на нашиот великан Конески. Блаже Конески е и А и Ш во нашето современо живеење. Тој ги постави темелите на современата македонска азбука. Беше близок и со моите родители. И татко ми, писателот Петре М. Андреевски, и мајка ми, поетесата Светлана Христова – Јоциќ соработуваа со него, бидејќи и двајцата го љубеа зборот и јазикот наш македонски, но и Блаже човекот, вели Сергеј Андреевски, автор на изложбата.

Фото: Б. Грданоски

Изложбата е циклус од 31 слика на платно– секоја буква има своја приказна, свој свет, вели Андреевски. Беше првпат изложена во 2021 годна во излозите на Широк Сокак во Битола. Тоа беше поддршка од уметникот кон славењето на името и делото на научникот, творецот и создателот на македонското современо писмо – Блаже Конески, во годината кога се одбележуваа 100 години од неговото раѓање. Следната година, изложбата беше отворена на Денот на Светите браќа Кирил и Методиј, во Конакот на кнегињата Љубица, во Белград, како  дел од традиционалната манифестација „Денови на македонската култура – Допир на Македонија“ што по 11-ти пат ја организираше Здружението на Македонците во Белград – Македониум.

Фото: Б. Грданоски
На свечената академија во МАНУ, претходно, свои излагања имаа претседателката Сиљановска-Давкова, претседателот на МАНУ, Живко Попов, министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и претседателката на Советот за македонски јазик Симона Груевска-Маџоска, во присуство на македонисти, професори, академици, пратеници, министри, претставници на верските заедници и претставници на дипломатскиот кор. 
Фото: Б. Грданоски