Изложба „Жени уметници“ од колекцијата на ОСТЕН на 29 мај

Утре, четврток, 29 мај 2025 г. / 19 ч. во галерија ОСТЕН ќе се отвори изложбата на 15 македонски жени уметници со кои ОСТЕН има долгогодишна соработка. На изложбата ќе бидат претставени слики, цртежи и видеа од колекцијата на ОСТЕН од уметниците: Анка ДАНАИЛОВСКА| Евгенија ДЕМНИЕВСКА | Петра ЈОВАНОВСКА | Мирјана КРСТЕВА МАСЕТТИ | Росица ЛАЗЕСКА | Татјана МАНЕВА | Јана МАНЕВА ЧУПОСКА | Љубица МЕШКОВА СОЛАК | Касиопеја НАУМОСКА | Јасминка НОВКОВСКА | Марија ПАВЛОВСКА | Ирена ПАСКАЛИ | Марија СВЕТИЕВА | Ана ТЕМКОВА | Симонида ФИЛИПОВА КИТАНОВСКА
Анка ДАНАИЛОВСКА е родена 1972 година во Куманово. Во 1989 година завршила средно училиште за применета уметност, а во 1995 година дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје на графички оддел во класата на професосот Димче Николов. Била член на ДЛУМ од 1997 година. Магистерски студии завршила во Софија на графички одел во класа на професор Стојан Стојанов и Здравко Стојанов. Данаиловска почина 2016 г.
Евгенија ДЕМНИЕВСКА е родена во 1946 година во Скопје. Дипломирала на Академијата во Белград. Од Белград Евгенија заминува на постдипломски студии во Јапонија, каде живела четири-пет години и каде се стекнува со диплома магистер по уметност и се запознава со источната филозофија. Еден период патувала и творела насекаде во светот, а во последниве три децении живее во Франција.
Петра ЈОВАНОВСКА е родена во Јесеник, Чешка. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, а реализирала над 30 самостојни и над 300 колективни изложби низ целиот свет. Носител е на многубројни признанија од ликовни учества во Јапонија, САД, Австрија, Македонија, Романија, Чешка, Франција и др.
Мирјана КРСТЕВА МАСЕТТИ е родена во 1979 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Благоевград, Бугарија. Основач и член на Мултимедиа центар од Гевгелија и член на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија. Член е на ДЛУБ од 2014 година и член е на ДЛУМ од 2010 година.
Росица ЛАЗЕСКА е родена во 1956 година во Скопје. Дипломирала на Архитектонскиот и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Нејзиниот опус се состои од графики и цртежи, а зад себе има бројни самостојни и групни изложби во земјава и во странство. Живее и работи во Скопје.
Татјана МАНЕВА е родена 1978 година во Битола. Член е на ДЛУМ и на ДЛУБ (Друштво на ликовни уметници-Битола) на чии што годишни и ревијални изложби е редовен учесник. Во 2004 година магистрира на отсекот графика на Факултетот за ликовни уметности-Скопје. Зад себе има повеќе групни и самостојни изложби.
Јана МАНЕВА ЧУПОСКА дипломира сликарство во 1996 година во класата на проф. Симон Шемов. Специјалистички студии по сликарство и рачна обработка на стакло завршува на Високата школа за применета уметност во Прага. Во 2006 година станала магистар по уметност. Таа станала доктор од областа на етнологијата и дизајнот.
Љубица МЕШКОВА СОЛАК е родена во Скопје . Дипломирала на Факултет за ликовна уметност /отсек графика со конзервација и реставрација во Скопје. Член е на ДЛУМ, ДЛУБ, ИКОМОС, почесен член на Фемин Арт – Трабзон Турција, а 2014-2016 Председател на ДЛУБ. Има реализирано повеќе стамостојни изложби, како и над 200 групни изложби во изминатите 20 години.
Касиопеја НАУМОСКА дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Таа зад себе има триесеттина самостојни и повеќе од 120 групни и меѓународни изложби. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и добитничка на повеќе значајни награди и признанија
Јасминка НОВКОВСКА е родена во 1975 година во Скопје. Во 1998 година дипломирала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Магистрирала во 2003 година на Националната уметничка академија во Софија. Досега имала десетина самостојни изложби во Скопје, Софија, Њујорк, Берлин Германија, а учествувала и на бројни групни изложби.
Марија ПАВЛОВСКА е родена во Скопје, Република Македонија во 1975 година. Завршува Факултет за ликовна уметност во Скопје, каде подоцна и магистрира. Докторските студии ги завршува на Универзитетот „Евро Балкан”, Студии на културата, Институт за социјални и хуманистички истражувања, Скопје. Била учесник на осум меѓународни престижни уметнички резиденции. Живее помеѓу Скопје и Њујорк.
Ирена ПАСКАЛИ живее и работи во Келн, Германија. Дипломирала на Ликовна академија во Скопје, а магистрирала на Академијата за медијални уметности во Келн, Германија. Таа има реализирано бројни самостојни изложби. Добитничка е на интернационални резиденции и стипендии како и мноштво награди (во Јужна Кореа, Германија, Албанија). Работи во повеќе уметнички медиуми, како видео, фотографија, цртеж и експериментален филм.
Марија СВЕТИЕВА е магистер по ликовна уметност дипломирала на Факултетот за ликовни уметности на Катедрата за графика и графички дизајн во 1987. Истата година станала членка на Македонската асоцијација на сликари. Во 1991 година станала членка на Меѓународната асоцијација на графички уметници во Рим и Меѓународната асоцијација на новинари во Рим.
Ана ТЕМКОВА е родена 1943 во Кавадарци. Дипломирала на академијата за ликовни уметности во Белград, специализирала мозаик во Равена-Италија. Член е на ДЛУМ од 1967 година. Имала студиски патувања во Франција, СССР, Италија, Грција, Шпанија, Бугарија, Холандија и Турција.
Симонида ФИЛИПОВА КИТАНОВСКА е активна професионална уметница, чија уметничка кариера бележи многубројни домашни и меѓународни награди и претставувања на самостојни и на групни изложби. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Последниве години нејзиното творештво е во техниката акварел.