Изложба за Шабан Бајрамовиќ во Музејот на џезот во Њу Орлеанс


Изложба посветена на животот и делото на Шабан Бајрамовиќ e отворена во Њу Орлеанс, во најпознатиот светски џез музеј. Според магазинот „Тајм“, Шабан Бајрамовиќ е еден од десетте најголеми блуз пејачи во светот, а кралот на ромската музика, како што го нарекуваат, сега се најде во друштво на легенди како Луис Армстронг, Реј Чарлс, Џејмс Браун…

Како што пренесуваат медиумите, настапот бил отворен со звукот на песната „Го прашав малиот полжав“, во изведба на бендот на Питер Стен, кој го придружуваше Шабан Бајрамовиќ на концертите во Њујорк во 2004 година. Сè се случи во присуство на српската дијаспора и Иван Благојевиќ, директор на Нешвил џез фестивалот, благодарение на кого настана оваа изложба, а во договор со Грег Ламбоси, директор на Џез-музејот во Њу Орлеанс. Благојевиќ објасни дека целата приказна траела околу пет години и дека реализацијата конечно била договорена кога Ламбоси дошол во Ниш минатата година, а потоа го посетил и нашиот џез музеј и низ цитатите на светските експерти сфатил колку е важен Бајрамовиќ како балкански крал на соул џезот и ромската музика.
На Фејсбук страницата на Музејот на џезот во Њу Орлеанс, поканата за публиката, меѓу другото, изгледаше и вака:
„Потопете се во волшебниот свет на Шабан Бајрамовиќ во џез-музејот во Њу Орлеанс. Придружете ни се во чест на извонредниот живот и наследството на овој легендарен музичар. Роден е во Ниш, Србија, а патувањето на Шабан низ животните тешкотии до меѓународно признавање е инспиративно. Затворен во младоста, тој најде утеха во мелодиите на џезот, блузот и фламенкото, трансформирајќи го својот живот преку моќта на музиката. Искусете ги звуците на иконските песни на Шабан, вклучувајќи ја и познатата химна „Џелем, Џелем“, која стана гласот на Ромите ширум светот“.

Покрај личните предмети, изложени се неговите плочи, касети, компакт дискови, постери, книги и списанија за него, како и оригиналната статуетка што Џез-фестивалот во Нешвил им ја доделува на изведувачите за најдобра фузија на џезот со други жанрови. Дел од изложбата се и фотографии од некои од лауреатите и добитниците на статуетката, како што се Соломон Барк, Блуз Брадерс, Ал Ди Меола и Кенди Далфер.

Како што истакна Благојевиќ, посетителите ќе можат да погледнат краток филм за Шабан и да ги слушаат неговите песни преку QR кодови.

За Бајрамовиќ по повод неговата смрт во 2008 година пишуваше и Гарт Картрајт, музичкиот критичар на „Гардијан“, кога рече дека „кралот на Ромите“ е еден од највлијателните музичари во регионот од Втората светска војна. Како што изјави понатаму, во текот на шеесетите и седумдесеттите, статусот на Шабан меѓу Ромите може да се спореди со оној на Џејмс Браун кај Афроамериканците.

„Тоа е статус на музичар кој му даде глас на својата заедница. Неговиот извонреден тенор го отелотвори ромското искуство како ниеден друг. Тој спои различни влијанија, вклучително и џез и маријачи, во музика која стана популарна не само во Југославија, туку и пошироко, пеејќи и за претседателот Тито и за индиската премиерка Индира Ганди“, напиша Картрајт.

За потсетување, податоците велат дека првата плоча на Шабан е направена во 1964 година и дека за време на неговиот живот снимил дваесет албуми и педесетина синглови, а во исто време компонирал повеќе од 700 песни. Повеќе од дваесет години беше на чело на групата „Црна мамба“ со која беше на турнеја низ светот, а на покана на Нехру и Индира Ганди престојуваше во Индија, каде што беше прогласен за крал на светската ромска музика. 

Изложбата ќе биде отворена во наредните шест месеци. (Политика)