Изложба за наследството на Требениште отворена во Софија
Балканскиот полуостров е крстосница на различни цивилизации и култури, овде ја пишуваме историјата не само на Европа, туку и на целиот свет. Секој од нас си го чува идентитетот, но нашата заедничка историја не треба да нè дели, туку да нè обединува. Со овие зборови потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ја отвори изложбата „Требениште. 105 години од отворањето на некрополата во Требениште, 1918 – 2023 година“.
На изложбата се претставени наодите од богатата некропола кај селото Требениште близу Охрид. Организатори на изложбата се Националниот археолошки институт и музеј при БАН, Археолошки музеј на Македонија, Националниот музеј на Србија и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид.
Претставувајќи ја изложбата пред присутните, доцент Христо Попов, директор на НАИМ-БАН, рече дека работата на проектот започнала пред шест години. „Не се само артефактите кои сами по себе се прекрасни, важна е приказната, важни се луѓето, она што се обидовме да го направиме е да ја раскажеме целата приказна. За првпат по сто години да ги собереме“, објасни Попов. Тој додаде дека изложбата за прв пат била претставена во 2019 година во Скопје, сега е во Софија, а во 2025 година треба да се случи во Белград. Идејата е овој проект да продолжи во насока на теренски проекти, истражувања, геофизика, ископувања – со заеднички сили од сите страни, рече Попов.


Директорката на Народниот музеј на Србија, Бојана Бориќ-Брешковиќ изјави дека пандемијата имала и негативно и позитивно влијание врз работата на тимовите од трите земји. За тоа време, научниците можеа да испитаат многу материјали кои дополнително ја збогатија изложбата. Таа додаде дека тимот го сочинуваат ентузијасти кои се борат за својата идеја.
Д-р Славица Бабамова, директор на Археолошкиот музеј во Скопје, објасни дека целиот тим е горд што успеале да ја направат оваа изложба по втор пат. Бабамова истакна дека тоа е благодарение на стручните лица од трите музеи. Таа ги дефинираше како најдобри професионалци на Балканот. Директорката на Археолошкиот музеј во Скопје му се заблагодари на Христо Попов што вложил „натчовечки напори оваа изложба да биде изложена во Бугарија“.
„Наодите од Требениште нè здружуваат во заедничката работа за градење на заедничка иднина и зачувување на нашиот идентитет како пријателски балкански земји. Требениште е порака од минатото која не потсети во сегашноста дека заедничките човечки вредности кои ги делиме не прават исти во нашата различност“, рече бугарскиот министер за култура Крастјо Крастев.
Според Јотова, Требениште не е само приказна за 56 гробови, туку и историја на светот пред 25 века. Минатото се однесува и на иднината, бидејќи нашите земји, Република Северна Македонија, Република Србија и Бугарија се на Балканскиот Полуостров. Секој од нас го знае и го штити својот идентитет, но минатото и историјата не нѐ делат, напротив, нè обединуваат“.
На изложбата се изложени златни погребни маски, борбена опрема, сребрени и бронзени садови, сребрени украси и повеќе од 600 предмети.
Некрополата кај селото Требениште, на 14 километри од Охрид, била случајно откриена од бугарските трупи при изградба на патишта на крајот на Првата светска војна, пролетта 1918 година. Првите пет гробови биле ископани од бугарски офицери, кои наодите ѝ ги предале на бугарската управа во Охрид. Подоцна бил испратен археологот Карел Шкорпил кој ги проучувал гробовите 6 и 7. Во гробовите биле закопани воини со својата опрема, златни ознаки, сребрени и бронзени садови, сребрени орнаменти и сл. Предметите ја датираат некрополата во втората половина на 6 и 5 век п.н.е.
Голем дел од наодите од првите седум гробови денеска се дел од постојаната поставка на Националниот археолошки музеј во Софија. На изложбата се претставени и новообновени наоди. Заедно со нив, изложбата содржи и предмети од последователни студии од фондовите на Народниот музеј на Србија и Археолошкиот музеј во Охрид. Од српска страна беа прикажани наодите од археолошките истражувања спроведени од Никола Вулиќ во 30-тите години на минатиот век. Од македонска страна се прикажани наоди од 1953-1954 година, како и од 1972 година, студии на други делови од некрополата во Требениште, како и гробни наоди од некрополата кај Горна Порта од градот Охрид, откриени во 2002 година. (МИА)