Изложба „Патот на фреската“ во „Лапидариум“

Во Музејско–културниотцентар „Лапидариум“ вечер ќе се отвори изложбата „Патот на фреската“ од авторите Ангелина Спировска и Владо Мукоски. На изложбата, во организација на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, авторите ќе се претстават со 17 дела изработени во текот на оваа година.
-Ангелина Спировска и Владо Муковски се академски ликовни уметници и конзерватори за ѕидно сликарство, кои повеќе од дведецении активно дејствуваат во полето на уметноста и заштитата на културното наследство. Нивниот заеднички интерес за фреско техниката ги води кон истражување и создавање на современи дела изведени во оваа многу стара и заборавена сликарска техника, наведуваат организаторите на изложбата.
Како уметници и професионални конзерватори на ѕидно сликарство, Спировска и Муковски го користат своето професионално знаење и искуство за да создадат дела што не се само технички доследни на фреско техниката, туку и естетски и концептуално предизвикувачки.
Изложбата на современи фреско слики насловена „Патот на фреската“ претставува современ визуелен дијалог со традицијата. Делата на Ангелина Спировска и Владо Муковски се изведени во автентичната фрескотехника, но носат мотиви и пораки кои говорат на јазикот н аденешнината.
Инспирирани од духот на византиското сликарство, авторите го ослободуваат фреско изразот од сакралната догма и го пренесуваат во едно ново, уметничко и современо значење. Преку нивните слики што изгледаат како парчиња од ѕид, тие создаваат слики работени на свеж малтер како сликарска подлога, и со нивниот ликовен израз и сликарска техника го поставуваат прашањето: што зборуваат овие ѕидови денес?
Реализацијата на овој проект е со поддршка на Министерството за култура и туризам.