Изложба „Форми во лет, меѓународни уметници во француските колекции“ во МСУ


Во Музејот на современата уметност во Скопје вечер во 20 часот ќе биде отворена изложбата насловена „Форми во лет, меѓународни уметници во француските колекции“.

Изложбата е организирана од Францускиот институт во Скопје и Музејот на современата уметност – Скопје, во соработка со Музејот за современа уметност во Лион и градот Лион.

Низ селекција на значајни дела од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје, од автори како Карлос Круз-Диез, Хисао Домото, Ана-Ева Бергман, Пјотр Ковалски, Зоран Мушиќ, Виргилије Невјестиќ, Енрике Пејсере, се истакнуваат уметници и од целиот свет, кои по Втората светска војна заминуваат во Париз, каде се формираат многубројни меѓународни уметнички заедници.

-Селекција на дела од современи и реномирани автори од Музејот за современа уметност во Лион, како Јасмина Чибиќ, Даниеле Вале-Клајнер, Анж Лесија и Шурук Хриеш ќе бидат премиерно прикажани за време на изложбата. Тоа дополнително ќе влијае на размислата за миграциите на уметниците и важноста на културната размена, соопштија организаторите.

Како што е најавено, официјално изложбата ќе ја отворат Тихомир Топузовски, в.д директорот на Музејот на современата уметност – Скопје, Филип Маршето, прв советник во Амбасадата на Франција, и Матје Лелиевр, одговорен за одделот „колекции“ во Музејот на современа уметност во Лион и куратор на изложбата.

Изложбата ќе биде отворена во текот на еден месец.б