Изложба „Циклус 19 II“ на академската уметница Христина Зафировска


 Ликовната изложба „Циклус 19 II“ на академската уметница Христина Зафировска вечер ќе биде отворена во Културниот центар „Кочо Рацин“ во Кичево. Изложбата е дел од програмата за одбележување на патрониот празник на Центарот.

Зафировска преку своите дела на апстрактен и сликовит начин го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата.

– Серијалот го интерпретира биолошкиот процес од една страна, кружниот строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување, а од друга страна, преку визуелно прикажаниот регенеративен процес, делата ја претставуваат „последицата“ и процесот на физичко и ментално обновување настанато поради периодот на принудната изолација. Во делата комбинира повеќе начини на изразност – објекти со поп-артистички колористички изведби, плошни решенија, каде што дводимензионалноста на геометриските форми и поединечните секвенци стануваат целини, соопшти авторката. 

Зафировска досега реализирала повеќе индивидуални проекти, во кои се обработуваат теми како што се: зачеток на создавањето, меѓучовечки односи, подобрување на правата и третманот на жените во општеството и принудната изолација. Проектите се презентирани во Германија, Франција, Бугарија, Турција, Њујорк и во повеќето градови во земјава.

Проектот е поддржан од Министерството за култура.