Изградбата на електроконекторот Грција-Кипар-Израел под истрага на Европското јавно обвинителство

Брисел – Канцеларијата на европскиот јавен обвинител започна истрага околу реализацијата на проектот за енергетско поврзување меѓу Грција и Израел, преку територијата на Кипар, кој делумно е финансиран и од фондовите на ЕУ.
– Нашата правна служба беше информирана од Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕППО) дека по разни жалби поднесени во изминатиов период, кои биле соодветно истражени, одлучила да започне истрага за можни кривични дела поврзани со овој конкретен проект, изјави синоќа кипарскиот претседател Никос Христодулидес, без да прецизира кој се е опфатен со истрагата.
Засега нема детали за овој случај ниту од страна на Европското јавно обвинитрелство.
Станува збор за проект за инсталирање на поведен електричен кабел со кои би се поврзале електроенергетските системи на Грција, Кипар и Израел, што би претставувало една од најдлабоките и најдолгите подводни интерконекции во светот.
Трошоците за реализација на проектот се проценети на 1,9 милијарди евра, од кои 657 милиони евра се директно финансирани од ЕУ, а од преостаната сума 63 отсто треба да покрие Кипар, а 37 проценти Грција.
Реализацијата на проектот уште од претходно беше доведена во прашање, откако кипарската Влада најави негово преиспитување. Кипарскиот министерот за финансии Макис Керавнос оцени дека проектот повеќе „не е одржлив“.
– Имам две студии од независни и реномирани организации, кои заклучуваат дека овој проект не е одржлив според утврдените услови, изјави Керавнос.
Според извори во кипарската Влада, проектот е од стратешко значење за Кипар, но проблемот настанал поради тоа што Грција не го исполнила својот дел од договорот.
– Неговата одржливост зависи од условите и обврските преземени од грчкиот Независен оператор за пренос на електрична енергија и очекуваме нивно спроведување, посочиле истите извори.
Кипарските медиуми тврдат дека и во самата Влада во Никозија постојат поделби околу изградбата на интерконекторот, при што Министерството за финансии смета дека станува збор проект со „висок економски ризик“, додека Министерството за енергетика инсистира на негово продолжување.
Атина официјално изрази незадоволство поради одложувањето на реализацијата и ја повика Никозија да го разјасни својот став, бидејќи „не може да се дозволи коцкање со проекти од вакво значење“.
Но, на Кипар постојат оценки дека и Атина се воздржува од практична реализација на проектот, бидејќи не сака да ја провоцира Турција, која смета дека со инсталирањето на кабелот би биле „засегнати нејзините поморски зони“.
Според Анкара, проектот е во спротивност на турско-либискиот Меморандумот за разбирање од 2019 година за разграничувањето на областите на морската јурисдикција во Источниот Медитеран. Инаку, овој Меморандум кои при поделбата на водните територии „го игнорира“ постоењето на грчкиот остров Крит, беше оценет како „нелегален“ од страна на ЕУ, која одбива да го признае.
Од друга страна, за Израел ова не е обичен инфраструктурен проект, туку стратешки чекор кој би му овозможил подлабока интеграција со европската енергетска мрежа.