Изгаснат пожарот на градилиштето на Амурскиот рударско-хемиски комбинат, седуммина загинати
Седум лица загинаа во пожарот што избувна на градилиштето на Амурскиот рударско-хемиски комбинат, кој сега е изгаснат, а во тек е потрага по девет кинески државјани.
На градилиштето моментално се завршува со согорување на преостанатите процесни гасови под надзор на стручњаци и иницирана е истрага, наведено е на Телеграм.
Вкупно 152 лица побарале медицинска помош, од кои 36 се хоспитализирани поради повреди со различна тежина. Преостанатите 116 лица добиле помош и немало потреба од нивна хоспитализација.
Специјален авион Ил-76 на руското Министерство за вонредни ситуации пристигна за да пренесе дел од хоспитализираните во федерални медицински установи. На жртвите и на нивните семејства им се пружа психолошка поддршка.
Исто така, се следи и квалитетот на воздухот во близина на станбената населба Свободни. Засега не се утврдени пречекорувања на максимално дозволените концентрации на контролираните супстанции, а мониторингот продолжува.
Како што претходно беше соопштено, пожарот се случил во помошниот процесен дел од единицата за пиролиза, каде што се врши процес на разложување на материите со помош на висока температура, без присуство на кислород.
Телеграм-каналот „112“, кој е поврзан со руските безбедносни структури, објави дека во комплексот експлодирале буриња со метанол, по што избувнал пожар. Причината за пожарот засега не е позната, но некои медиуми објавија дека се сомнева на саботажа.
Амурскиот рударско-хемиски комбинат е еден од најголемите светски комплекси за производство на полиетилен и полипропилен кои моментално се во изградба. Станува збор за гигантски проект кој заеднички го градат руски „Сибур“ (Sibur) и кинески „Синопек“ (Sinopec), со вкупен буџет кој надминува 10 милијарди долари. Неговиот вкупен капацитет би требало да изнесува 2,7 милиони тони готови производи годишно. Планирано е производството на првите количини полиетилен да почне во третиот квартал од оваа година, а на полипропилен во 2027 година.