Изгасен пожарот на депонијата во Арачиново, предизвикан од запален сончоглед

По неколкучасовно гаснење со специјална пена, скопските пожарникари успеаја целосно да го изгаснат огнот во депонијата кај Арачиново, иако на терен и денеска може да се забележи чадење од неколку места.
– Благодарение на навремената интервенција и пожртвуваноста на скопските пожарникари, успеавме да ја ставиме ситуацијата под контрола. Огнот е изгаснат, но чадот што и понатаму се издига од неколку делови на депонијата може да создаде непријатност кај жителите на пошироката околина – изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Овој пожар следува откако вчера вечерта беше подметнат нов оган на истата депонија, лоцирана покрај стариот пат кон Куманово.
– Скопските пожарникари ја затекнаа вратата на депонијата отворена, иако таа има ограда и влезна врата. Во внатрешноста беше фрлена поголема количина пакуван сончоглед кој гореше со силен пламен, а заедно со него изгореа и други горливи производи. Најверојатно намерно запалениот сончоглед го предизвика ширењето на пожарот – нагласи Ангелов.