Издавачките куќи ќе бидат одговорни за печатење и достава на учебниците
Во неколкуте закони што ги подготвува новата влада, а се однесуваат на образованието, е и оној за учебниците, во кој, како новина, се утврдува издавачките куќи да бидат одговорни за изработка, печатење и дистрибуција на учебниците, со што министерката за образование Весна Јаневска се надева дека ќе се надмине проблемот со недостаток на учебници.
– Во новиот закон за учебници новината е што овој пат им даваме можност на издавачките куќи да учествуваат со веќе подготвени учебници, кои потоа во процедува на избор, одобрување од Бирото (за развој на образованието) , рецензија од Националната комисија би биле избрани и обврската се префрла на издавачките куќи кои со договор ќе бидат обврзани да ги достават учебниците до 1 септември – рече Јанвеска пред денешната завршна конференција на ИПА проектот „Подобрување на квалитетот на образованието“.
Таа рече дека постапките кои се почнати досега ќе продолжат, затоа што обврска им е да ги завршат.
– Според првава година ќе видиме дали повеќето од постапките ќе можат да се префрлат на издавачките куќи, а очекуваме да добиеме подобар квалитет на учебници и поголема ефикасност за да не се доведеме во ситуација на 1 септември да немаме учебници – додаде Јаневска.
Прашана за проблемот со учебниците во тетово, кадешто фалат многу, а повеќето се распарталени и од ниев е невозможно да се учи, за што денвовие реагираа, родители, училишта и општината, Јаневска вели дека МОН во ниеден момент не може да знае колку учебници им недостигаат на училиштата, доколку училиштата тоа не го пријават.
– Постои електронски систем кој се вклучува на крајот на годината, ние ги информираме училиштата дека го вклучуваме електорнскиот систем за тие да пријават зголемен број на ученици или потреба од замена на оштетени учебници. Ако училиштата не ги пријават оштетените учебници, ние не знаеме дека имаат потреба, иако МОН оваа година даде дополнителен, релативно низок процент заради законските одредби, на учебници кои беа распределени во училиштата – додаде министерката.
Сепак коментира, дека проблемот се јавил затоа што не се следеле законските одредби, каде за оштетен учебник родителите на ученикот кој вратил таков учебник, треба да платат одредена сума зависно од оштетувањето, а училиштата тоа не го побарале од никого затоа што ги штеделе родителите.
– Ако ги следите изјавите на вработените во општината, претпоставувам задолжени за образование, тие ги штеделе родителите, затоа што законот предвидува да се плати одредена сума по учебник, од 10 до 70 проценти од цената. И не ги пријавувале оштетените учебници. Недостатокот на учебници кој тие го спомнуваат навистина не е соодветен на реалноста – додаде Јаневска.