Издаден налог за апсење на сирискиот претседател
Француските судии издадоа налози за апсење на сирискиот претседател Башар ал Асад, неговиот брат и двајца високи сириски функционери.
Судиите ги обвинуваат за употреба на забрането хемиско оружје против цивили во Сирија во 2013 година.
Ова го соопштија од Стокхолмската независна експертска организација Civil Rights Defenders, која се занимава со заштита на човековите права и неименуван судски извор.
Налозите за апсење, кои се однесуваат на обвиненијата за соучесништво во злосторства против човештвото и соучесништво во воени злосторства, беа издадени по кривична истрага за два напади со хемиско оружје во сирискиот град Дума и областа Источна Гута во август 2013 година, во кои повеќе од 1.000 луѓе загинаа.
Тоа е прва меѓународна потерница издадена по претседателот на сириската држава, чии сили, според Ројтерс, брутално ги задушија протестите кои започнаа во 2011 година, а експертите на ОН ги оценија како воено злосторство.
Ова е првпат да бидат издадени меѓународни потерници за напад со хемиско оружје во Гута во 2013 година, изјави адвокатот и основач на Сирискиот центар за медиуми и слобода на изразување, кој го достави случајот до Франција, Мазен Дарвиш.
Истрагата во Франција беше отворена по поднесена кривична пријава во март 2021 година, врз основа на сведочењата на преживеаните од нападите во август 2013 година.
Сириската влада негираше дека некогаш користела хемиско оружје.