Избран новиот состав на Државната изборна комисија, реакции заради изборот на Даштевски


Со 95 гласа „за“ и без ниту еден против или воздржан, Собранието вчера ги избра новите членови на Државната изборна комисија, согласно Предлог одлуката што претходно на седница ја донесе собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.

За претседател на ДИК е избран Александар Даштевски, предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а за потпретседател, на предлог на ДУИ, Дитмире Шеху, која и сега е на таа функција. За членови на ДИК на предлог на СДСМ се избрани Борис Кондарко, Радица Ристеска и Оливер Ристовски, по предлог на ВМРО-ДПМНЕ – Бобан Стојаноски, а на предлог на Алијанса на Албанците – Кренар Лога.

На изборот на новиот состав на ДИК, реагираше невладината организација Цивил, која изрази забелешки и резерви околу предлогот Александар Даштевски да биде нејзин претседател, оценувајќи дека тој не е релевантен и добар предлог за член, а уште помалку за прв човек на Комисијата.

Цивил посочува дека Даштевски е поранешен претседател на Комисијата за заштита од дискриминацијата и дека за време на неговото раководење оваа институција била „мртва, со исклучок на случаите кога требаше да се одбранат дискриминаторските и криминалните постапки на режимот на Груевски“. Организацијата потестува и дека Основниот суд Скопје 1 во 2018 поведе иницијатива за негово разрешување од претседателското место во Комисијата за заштита од дискриминација поради злоупотреба на службената положба и нестручно и несовесно вршење на функцијата.

– Имајќи предвид дека се започнати сериозни реформи во изборниот систем, а ДИК е една од клучните институции во тој процес, гласањето за Даштевски како претседател на ДИК не претставува ништо друго, туку сигнал дека реформските процеси се осудени на пропаст, велат од ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ јавно го изнесува ставот дека со избор на луѓе со профил како Даштевски ќе се зададе силен удар врз демократијата, а со тоа и врз процесот на изборните реформи и негативно ќе влијае врз легитимноста на изборните процеси. Препорака на ЦИВИЛ со години наназад е дека ДИК мора да се реформира, при што ќе се создадат законски решенија за избор на негови членови кои ќе носат законити и легитимни одлуки во спроведувањето на изборните процеси и чија функција ќе биде во насока на максимална заштита на правото на глас, а не заштита на партиските интереси, посочува Цивил во реакцијата.

Околу изборот на ДИК свој став изнесе и пратеникот Кастриот Реџепи од Движењето Беса, кој нагласи дека составот на Комисјата е избран во согласност со постојниот закон и тука нема ништо спорно, но се заложи за промена на моделот за избор на составот на Државната изборна комисија, согласно препораките на ОБСЕ за нејзина професионализација.

– Можеби е потребно да се изгласа нов модел кој ќе биде стабилен и нема да има пристисок според моменталните констелации… Добро би било сите заедно Собранието, но и Владата, да размислуваат за реформирање на ова прашање за избор… Би сакал во иднина да се имплементира идејата на ОБСЕ, ДИК да има професионални членови, да бидат непартиски и таа да биде тело кое не може да се оспорува од никој, изјави Реџепи.