Изборот на Бајден добар за Македонија


 Не се очекуваат значајни промени за време на мандатот на новоизбраниот претседател Џо Бајден во политиката на Вашингтон кон Западен Балкан, бидејќи таа е конзистентна и долгорочна, но ќе донесе фокус на регионот и можно посилно американско влијание во однос на евроинтеграциите на Северна Македонија, оценуваат за МИА политичките аналитичари амбасадор д-р Ѓорѓи Филипов и Алберт Муслиу.

Запрашан за тоа кои беа придобивките за Северна Македонија во геополитичка смисла за време на мандатот на Трамп, а кои би биле придобивките од мандатот на Бајден, односно дали неговиот избор и промената во американската администрација ќе влијаат на односите на Вашингтон кон регионот и особено кон нашата земја, амбасадор Филипов нагласува дека земјава направи два значајни чекора во однос на стратешките цели –  интеграцијата во НАТО и ЕУ.

– За време на мандатот на претседателот Трамп, додека тој ги спроведуваше точките од програмата со која го освои мандатот пред четири години заснован на слоганот „Да ја направиме Америка повторно голема“, посветени најмногу на внатрешните прилики во САД, Република Македонија направи два значајни чекори во нејзиното приближување кон евроатлантските интеграции. Во август 2017 таа потпиша Договор за добрососедство со Република Бугарија, а во јуни 2018 потпиша Договор за разрешување на одредени спорни прашања со Република Грција. Двата Договора овозможија членство на Република Северна Македонија во НАТО, како 30-та членка на Алијансата и го отворија патот за отпочнување на преговори со Европската Унија, кои би требало да отпочнат до крајот на оваа година. Ваквиот развој на настаните, што се смета за успех делумно се должи и на дипломатската активност на САД, која во билатерална смисла се заокружи со посетата на државниот секретар на САД, Мајк Помпео на РС Македонија, потсетува Филипов.

Смета дека политиката на Вашингтон кон регионот е конзистентна и дека нема да дојде до некои значајни промени за време на мандатот на новоизбраниот претседател, сѐ уште неофицијално, но еве дури и Кина му честиташе, Џо Бајден, но можно е посилно влијание во однос на нашиот евроинтегртациски пат.

-Она што не меѓународно ниво веднаш би се почувствувало е враќањето на САД во СЗО и Парискиот договор за заштита на климата, како и поголемо влијание на САД во Обединетите нации, како нивен најголем финансиер и инфлуенсер во донесување на одлуките во специјализираните агенции на ОН. Втор значаен момент е очекувано значајно затоплување на економските и политичките односи на САД со ЕУ и САД-Германија, односно Франција. Можно е и да дојде до посилно влијание на САД во евро-приближувањето на Северна Македонија во смисла на принципиелно повикување на земјите да си останат на ставовите што ги потпишале и ветиле во Договорите за добрососедство и Договорот од Преспа, како и евентуален повик за одржување на динамиката на обврските во период што следи по потпишувањето – зајакнување на политичката, економската и образовно-културната соработка меѓу потписничките, наведува Филипов.

За Муслиу американската политика кон Македонија во суштина не се менува независно кој е станарот во Белата Куќа. Ние сме, вели, нивни стратегиски партнер, пријателска држава. Тие, пак, водат долгорочни политики. Од практична природа зависи кој е претседател таму бидејќи тој ги одредува приоритетите, а од Бајден, како одличен познавач на регионот, очекува да не стави во неговиот фокус.

-Реално за време на претседателствувањето на Трамп, Македонија не беше во фокусот на неговата администрација, па дури во одреден период имавме двоумење кај претставниците од тогашната администрација за улогата во Македонија во 2015-2016 година, но излезе дека нивната улога не била како што мислеа некои, така што мислам дека со новата администрација раководена од Бајден во секој случај може да сметаме на тоа дека ќе бидеме повеќе во фокусот. Сепак станува збор за потрадиционален политичар кој е веќе 50 години во администрацијата. Првпат е избран за сенатор во 1978 година и подолг период ја раководел Сенатската комисија за надворешна политика. Можам да кажам дека голем број политичари на Балканот Бајден ги знае и лично и по име, така што нема да му треба долго време нему и на неговата администрација да се запознае со фактичката ситуација во Македонија што за нас е предност, смета Муслиу.

И Филипов и Муслиу го делат ставот дека Бајден е победник на изборите според освоените електорски гласови и покрај најавената правна битка од страна на Трамп за изборниот процес. Според последните резултати објавени од американските медиуми Бајден досега има освоено 306 електорски глалсови, а Трамп 232.

-Не може да се случи никаков пресврт, зашто само пред неколку часа американските изборни власти декларираа дека изборите за Белата Куќа, спроведени во 2020 беа „најсигурните избори во американската историја“ и ги одбија барањата кои алудираа на изборна измама, поднесени од тимот на претседателот Трамп. Уште повеќе, Избирачкиот комитет соопшти: „Нема докази дека кој било изборен систем избришал или изгубил гласови, дека променил нешто во гласањето, или дека имало било што компромитирачко“. Претходно претседателот Трамп тврдеше дека постојат 2,7 милиони гласови кои биле за него, а кои биле „избришани“, вели Филипов.

Муслиу нагласува дека од четирите преостанати сојузни држави каде се уште бројат гласови Бајден води и начинот на кој се гласаше во Америка, вели, му дава за право да мисли дека и наредните електорски гласови ќе одат на контото на Бајден.

-Во овие четири држави последни се бројат гласовите испратени по пошта, а во кампањата демократите охрабруваа да се гласа предвреме и по пошта заради коронавирусот. Така што и во Невада, Џорџија, Аризона реални се шансите и тие да ги добие Бајден. Но, Америка е правна држава и сепак американската администрација има многу поголем интегритет кај луѓето отколку што ние сме навикнале да гледаме во транзициските држави. Така што може да се случи да има и пребројување што не е првпат, може да се случи процесот да се пролонгира, но не очекувам дека ќе има драстични промени и тие електорски гласови да отидат кај Трамп. Правната битка може и да се раздолжи, но мислам дека на 20 јануари ќе имаме во Белата Куќа нов претседател, вели Муслиу.

За критиките во јавноста дека нема видлив ангажман од САД во однос на спорот со Бугарија и дали може да се очекува нивна  поголема инволвираност во овој процес, доколку Софија го искористи правото на вето и ја блокира Северна Македонија на патот кон ЕУ (Тимот на Бајден објави дека Југоисточна Европа е меѓу надворешно-политичките приоритети каде, преку зајакнување на сојузот со ЕУ и НАТО ќе работи на консолидирање на мирот и стабилноста на ЗБ), Филипов смета дека критиките се само делумно оправдани, имајќи ја предвид состојбата во САД – голем број заболени и починати од Ковид-19, изборна кампања, избори и пребројување на гласови, што во САД трае многу долго во однос на која било земја во Европа.

-Нормално е што внатрешно-политичките, економско-социјалните, како и здравствените прашања беа на прв план таму, па потоа надворешната политика. Регуларната смена на власта веднаш ќе се почувствува и на надворешно-политички план преку засилениот ангажман на САД за доброто на целиот свет. Сметам дека со корона-кризава и најзакоравените анти-глобалисти сфаќаат дека светот е само едно цело тело, кое ја чувствува секоја негова точка, без разлика што здравите и болните точки се далеку една од друга. Телото го боли најмалото прсте на левата нога (Северна Македонија, да речеме, карикирам), но нервите ја пренесуваат болката и до главата САД или Германија на пример. Во политичка смисла на зборот, соседните прсти (Србија, Косово, Бугарија, Албанија, Грција), колку и да се надеваат дека ќе останат здрави, тоа нема да се случи. САД и ЕУ се свесни за тоа. ЕУ има тешкотии во системот на одлучување, но САД, ако сакаат навистина Западен Балкан да биде стабилен (со ширењето на НАТО во тој регион, покажаа дека сакаат) можат побрзо да издејствуваат негово консолидирање, користејќи ги сите познати инструменти со кои се одликува американската дипломатија, оценува амбасадорот Филипов.

Муслиу, пак, е оптимист дека нема да дојде до бугарско вето на евроинтеграцискиот пат на  земјава, но доколку се случи, очекува поголем ангажман за надминување на разликите од новата американска администрација предводена од претседателот Бајден.

-Се уште сум оптимист дека тоа нема да се случи и ако се случи мислам дека во некои негови настапи тој укажа дека ќе биде поактивен на Балканот. На Балканот има уште неколку спорови кои треба да се решат. Секоја блокада која се случува им отвора можност или простор на Русија, евентуално и на Кина, да го зголемат своето влијание. Односот на Бајден кон тенденциите на Русија за проширување на влијанието на Балканот е тоа да се блокира. Мислам дека во тој правец Бајден има можеби најголемо искуство од сите кандидати кои беа вклучени во изборниот процес, така што може да очекуваме тие поактивно да се вклучат, истакнува Муслиу.

За тоа што ги одбележа изборите од 3 ноември за Филипов тоа е политичката и социјалната поларизација на американското општество.

-Изборите ги одбележа досега невидена политичка и социјална биполаризација, што се надевам, пријателска Америка брзо ќе ја надмине, за нејзино и за добро на планетата Земја во политички, социолошки и еколошки аспект. Му благодариме на претседателот Трамп за поддршката на Северна Македонија! Му честитаме на Избраниот претседател Џо Бајден, вели амбасадорот Филипов.

Според Муслиу, изборниот процес го одбележа короната која беше една од главните прашања. Претседателот Трамп, вели, инсистираше на економските прашања дури и да го релавитизира ефектот на коронавирусот. Во врска со поделеноста на американското општество посочува дека сите демократски општества се поделени на две страни, а на првите јавни настапи на Бајден откако ги доби потребните електорски гласови беше дека ќе инсистира на приближување на страните на соработка, за што докажа дека има капацитет да зближува уште за времето додека беше потпретседател на Обама, но и како сенатор.

-Сепак изборните резултати во Америка се рефлексија на американската реалност. Тоа е голема држава и има сојузни држави со различни ставови. Затоа Трамп доби во одредени средини повеќе гласови, затоа Бајден или како што го викаат избраниот претседател доби повеќе гласови во урбаните средини. Белите гласачи од средна класа гласаа повеќе за Бајден отколку што имаше за Хилари Клинтон пред четири години. Мислам дека претседателот Бајден доби многу повеќе гласови и кај жените посебно тие од средна класа, како и кај Афроамериканците, додека Трамп успеа да присвои повеќе латиноамериканските гласови. Така што резултатот е рефлексија на успехот на Бајден да привлече гласачи кои порано демократските кандидати не успеале да ги добијат од времето на Клинтон, оценува аналитичарот Алберт Муслиу.