Изборните ливчиња „од седум метри“ ги предложиле ВМРО-ДПМНЕ

Поранешниот амбасадор на Македонија во Романија и член на СДСМ, Андреј Жерновски реагираше на најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека изборите може да бидат неуспешни и тој со Владата тогаш ќе именува владини повереници на местото на градоначалниците. Според Жерновски, на ваквата ситуација, на која алармира премиерот и кумувале токму неговите сопартијци бидејќи тие предложиле независни листи со два потписи и ги гласале.
-Видно вознемирен од одлуката на ДИК независните кандидати да може да се кандидираат за градоначалници и советници со само два потписа од граѓаните, премиерот Мицкоски резигнирано коментираше дека ова ќе доведе до зголемување на бројот на кандидати и дека ќе го направи гласачкото ливче долго и збунувачко. За да биде уште поделикатно, на крајот додаде дека ако изборите биле неуспешни, Владата имала уставно и законско право да именува свои повереници во општините.
И така, додека премиерот ламентираше дека гласачкото ливче ќе станело 7 – 8 метри долго, на нас, докажаните домашни предавници, ни текна да провериме како поединечно гласале членовите на ДИК. Кога, ете нова беља: Неговите сопартијци не само што гласале ЗА, туку испадна дека одлуката, која Мицкоски толку ревносно ја критикува, била донесена на предлог токму од членот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Даштевски !!!
Сега веќе се поставува прашањето знае ли Мицкоски што се случува во неговата ВМРО-ДПМНЕ и дали воопшто партијата е “негова”? Знае ли дека има мнозинство во комисијата? И обратно, знаат ли во Белата палата дека нивниот претседател е против решението и одлуката на нивните членови во ДИК?!?
Загрижен сум дека одговорот ќе мора да го побараме многу подлабоко.Самиот факт што фамозниот правилник, кој овозможува кандидатура со два потписи, е предложен од човекот кој од позиција на претседател на комисијата против дискриминација даде мислење дека Никола Груевски, наводно, ќе нема фер судење во Македонија, го отвора прашањето дали Мицкоски е на власт во државата, но е опозиција во својата партија.По се’ изгледа, стиропорецот од Будимпешта сѐ уште има силно влјание во палатата кој самиот ја изгради, оценува Жерновски.