Изборните измени- одмазда на ДУИ или политички театар против независните?


Координаторите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Костовски и Никола Мицевски, денеска во Собранието (Фото: Б. Грданоски)

Веднаш откако не беа изгласани измените на Уставниот законик почнаа политичките препукувања кој е заслужен за тоа, иако сите партии имаа интерес и активно работеа на тоа да се стави што повисока „рампа“ за независните кандидати.

Прва се јави Алијансата за Албанците за да заклучи дека за измените и дополнувањата „за“ гласаа само 11 пратеници од немнозинските заедници, а 18 гласаа против, со што се потврдило дека оваа Влада нема Бадентерово мнозинство и дека „сака да функционира без еден од главните столбови на Охридскиот договор и важечкиот Устав“, иако тоа е споредна тема во случајов, а главна – зошто ДУИ гласаше против?

-Денес во Собранието, највисоката законодавна институција во земјата, позната и како „дом на граѓаните“, официјално беше потврдено она што го кажуваме веќе една година. Оваа Влада нема етнички легитимитет, не ги претставува сите граѓани и сите етнички заедници, туку е моноетничка Влада која се обидува да ги наруши и дискриминира другите, особено Албанците. За време на гласањето за измените на Изборниот законик, предлогот на оваа Влада доби само 11 гласови од пратениците на немнозинските заедници, додека 18 гласаа против. Ова е уште една официјална потврда дека оваа Влада нема Бадентерово мнозинство и дека сака да функционира без еден од главните столбови на Охридскиот договор и важечкиот Устав. Ги повикуваме албанските партии во Владата да го напуштат овој вазализам, правилно да ја прочитаат волјата на Албанците и да го прифатат фактот дека немаат потребен легитимитет да останат таму каде што се, потчинети и понижени секој ден, пишува Алијанса за Албанците. 

Покажавме дека сакаме да се надминат правните недоречености и дека единствено ни е важно да се обезбедат еднакви услови за учество на сите заинтересирани граѓани на претстојните локални избори, тврдеше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, иако во други прилики успеваа да ги придобијат ДУИ на своја страна, без оглед што се однесуваат како остри противници.Откако пратеници од коалицијата Европски фронт во текот на седницата реагираа дека измените се во интерес на владејачките партии, а не и на граѓаните, Мицевски оцени дека на ДУИ не им е грижа за независните кандидати, туку „си тераат политика во која тие се жртвите“.

-Вам целта ви е друга, да се преставите пред вашите гласачи дека некој прави нешто против вас, а суштината е многу едноставна – независните кандидатури за градоначалници и советнички листи да може да учествуваат на локалните избори, но вие го укинувате тоа, потенцира Мицевски.

Тој потсети дека во насока на регулирање на различните правни толкувања и недоречености во постапката за собирање потписи за поднесување кандидатски листи од независни кандидати, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери поднесоа измени на Изборниот законик со кои треба да се уреди врeмено оваа постапка која претходно беше укината од Уставниот суд. Со ова решение, како што објасни, се пополнува правната празнина и се воведуваат јасни правила за собирање потписи за кандидатури за градоначалници и советници од страна на група избирачи.

-На Комисијата за политички систем беше поднесен амандман од Левица да се намали прагот од 0,95 отсто на 0,5 проценти на потребни потписи за независни кандидати што за нас беше прифатливо и со 8 гласа „за“ (ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, ВРЕДИ и СДС ) и еден против (ДУИ), амандманот беше прифатен. Чудно беше што, иако се предлагачи, никој од Левица не гласаше за нивниот амандман. Со ова покажуваме дека во ова законско решение единствена цел ни е надминување на правните толкувања и правните недоречености и дека единствено важен ни е процесот, на еднакви услови за учество на сите заинтересирани граѓани на овие локални избори, рече Мицевски.

Претпладнево измените и дополнувањата на Изборниот законик беа ставени на дневен ред на собраниската седница за да бидат донесени по скратена постапка. Потоа за нив расправаа матичната Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија. Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците ги проследи на натамошна постапка во Собранието, усвојувајќи го амандманот од Левица – кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи, да биде потребно да се соберат најмалку 0,5 проценти потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица (ИЕ), наместо првично предложеното решение кое предвидуваше собирање потписи 0,95 проценти од запишаните избирачи.